Светлана Христова–Јоциќ. НАПРАВИ ЕДНО ЧУДО РАСПНАТИ Лежев долго како тајната за небото. Црвениот цвет под левата боска ми жугна како сонцето зад гребените на Свети Наум. Помислив: Тука што ли ќе се раѓа? Тука што ли ќе умре? Дали таа мисла изроди ’рѓа? Црн гавран во распната жена кружи. ЖЕНА СО ИЛЈАДА УМИРАЊА Смртта на сонцето најубава е на овие води. Платното на Билјана го здиплувам за свадби. * * * Од небото распарано капини капат. Крстоклун в око сонцето го клука неспокој вечен в златна кадела корне. Кажи ми кажи дали конакот на утката е понорница без корито, а гласот камбана за покој? Цвет на копнежи кон небо фрлам темен чекрек назад го враќа. Од небото распарано капини во мене капат... КАЛЕСНИЦА Каде да те најдам?! Дали во мирот на песочниот цвет со бран кога се смешува, дали во црвените пустини кај што птица ни горчлив корен не загризува, дали во една земјанка од водени камшици распетлана, дали на врвот кај што див петел се одмара а светло писмо со страотни откоси го оборува. Или во бесмислата кај што една жена догледува искра? ПОНЕКОГАШ Понекогаш блудам по беспаќето помеѓу осила на диви ветрови и ровови на кртови меѓу дрвја што даваат лист и род во секоја втора година, меѓу попаднати крилја на бувови и не знам кај да се свртам, по кој знак да го определам исток! Понекогаш заскитувам меѓу грбници на змии, помеѓу пепел од догорен оган и стапки од диви ѕверови, помеѓу изматена вода од копита и згниена слама, меѓу цветови исчадени со пцости и не знам каде да се завртам, по кој знак да го определам југ! МОМЧЕ И РЕКА Река. Таинствена пролет во жолта треска. Дали реката мери непозната вечност? Момче. Кине од цветот на јасминот и лудее. Река. Лепливи пупки на барски врби. Зошто пупките прецветуваат во една лековита ноќ? Момче. Се опашува со здравец и рига пламен. Река. Свечено како оргули. Така се истрошува и се открива сѐ за едно претпладне. Момче. Се покрива со златни везови и сонува. АКО МОЖАМ Ако можам Ќе исткаам постела ко кружна пајажина со нишки појаки од надежта со нишки понежни од светлината на најдалечната ѕвезда ќе исткаам постела ко кружна пајажина ако можам. Ако можам со дланки истегнати ќе дојдам да ја исполниме секоја точка во тој круг со дланки истегнати ќе дојдам ако можам Ако можам околу ќе направам патишта од ѕвезди да изгорат стапалата при одот ќе те задојам со песните на моите молитви да заспиеш со сонот на дете околу ќе направам патишта од ѕвезди ако можам. СВАДБА Под шарена врвца рамо не влегува Никој гласник не се огласува. Кому да ја дадам картава вино да кани за на свадба, за на свадба? Сами без сватови, без свадбари, без чалгии. Со златен рог магична тежина ќе довикам од сите неба птици од сите води риби од сите земји билки меѓу ребрава да се населат да се оплодат до сонцето да нѐ искачат околу жолтиот тапан оро да заврземе. Сами без сватови, без свадбари, без чалгии. Сами на свадба, на свадба. НАПРАВИ ЕДНО ЧУДО Нека те снема да не знаеш за таткото на твојот татко сто Сизифови камења и сто водени ѓаволи нека те растргнат ако не направиш чудо едно мало чудо за мене. На трпеза со вино и вечни свадби во мојата свилена постела донеси го крстот на кој крварел Христос од крвта амајлија да замесам. (Некаде предавството сече како зелен коноп) Со ноѕе повратници издолжиме до северниот пол со раце пречници рашириме до јужниот пол срцето на екваторот да легне од средиштето жарје да разнесам (Како ѕвер завива злото некаде) Нека те снема да не знаеш за таткото на твојот татко сто Сизифови камења и сто водени ѓаволи нека те растргнат ако не направиш чудо едно мало чудо за мене. МОЛК Ми доаѓа да одѕвонам како есен озвучена од птици кога одат од домовите а молчам. Молчам иако овој молк прилега на тишината по првиот потоп. Не влегувам во гласот на небото со врисок да го споулавам молчењето да го сневидам, иако снагата ми ја рие корен од оган Душата ми е отворен шафранов цвет постојано што нараснува, иако по долг дожд пламенот натопен ме саѓосува. Со гранче од мирта попрскајте ме да остане мирот и бунтот на молчењето да остане да не отпарам збор за мојата тајна затворена во кругот во кој живееме јас и тој. СИ СПОМНУВАШ Се сретнавме како сув корен и светкавица како здивена присојница и синоочка како пустинска жед и мајчино млеко како грешно тело и нафора како глас на кукавица со позлатен облак како жолти лисја во око на ластовица. Се сретнавме ли како љубов или како нељубов се сретнавме? БЕГАЊА Љубев да ги заковам во мене номадските скитања и да отпатувам како пустинска посница до еден светлосен извор побел од горска еребица до една белогорица погуста од јатката на сенката. О сакав да отпатувам а останав како лишај на твојата проклета дланка. Од бегањата не се развенчувам истрошена како песочна дина патувам кон една мртва оаза. И патувам помеѓу твојата пајакова примка и моите мисли. ДОНЕСОВ Пет камења од пет реки и од пет езера од пет мориња донесов Ги допрев со рака, се посребрија. За темел на нашата куќа ги кладов. Пет дренови стебла од пет планини и од пет висорамнини од пет врвови донесов. Ги допрев со око, се позлатија. За столбови на нашата куќа ги исправив. Пет подземни реки од пет земји и од нови земји пет од пет земји измислени донесов. Ги допрев со здив, оживееја. За покрив на нашата куќа крлушки од златни риби. ВО ОВАА СОБА Во оваа соба кога се смеам ѕидовите се разместуваат, кога го продолжувам орото на русалките за таван небото доаѓа. Во оваа соба кога се смеам пламенот на кандилото расцутува. Кога & ги крпам рацете на куклата шарите на килимот за игра оживуваат. Тогаш ја надмудрувам вистината за нашето месо и нашите коски. НЕШТО СОКРИВАШ Од сламка правеше крст бакнувајќи го се колнеше во тајната на Деница во мените на месечината дека сум црн корал за ненаситни истражувања црква со илјади кандила за молитви, вруток за твоите причесни. Се заматува изворот во кој се огледувавме. Пресушува изворот во кој бараме божји знаци. Кажи што сокриваш од мене? ФЕНЕР ОД ТИКВА Зависливо на бојата Од олскотот зилјосано – Сонцето Над тиквен цвет подбесено вжежен гушник му врзува. Јас грлово му го подметнувам. – Цветот само да не се исуши Тиква како мајалник ќе нарасне Корупката ќе ја издлабам Незгаслив пламен ќе запалам Наоколу ѕирки ќе засечам. Ќе цвитли светло во корупка од тиква! Под закосај В камен Во искрај – ќе осветлуваме. Е да види сонцето! ОГЛЕДАЛО Под сонце клечев божјачев – Да не заоѓа... Во огледало од сонце се огледувам во дното недоодно во дното недогледно – здогледувам: В очи кукавица ми шета светли тревки си собира – седелото од сонцето го растурива. на образи – в суви бразди јајца ми остава. На чело ми застанува во запустени загони кукавичина песна скипува. Во кое огледало да се насмевнам? Некаде заедно со сонцето ми заоѓа и лицето. ПАЗАРНА НОЌ Пазар е на небо. Ноќта растоварила ѕвонци од секавици цветови од јаглења ѕвезди од светли наезди. Околу тишина и светлина. Мојата сенка се вровира низ ноќни бари – прачките ги ископачи зембиљ за пазарна ноќ да исплете. Само сенки во зембиљот само долга ноќ испазарив. Легнав и со мојата ѕвезда треперам. ПРСТЕНИ В СТЕБЛО Сокол и соколица со расперени крилја во моето стебло пресечено постанаа од вртење. Кој прстен ќе го одберат? Над прстен од облак застанаа – водени жегли прстенот им го растурија. над прстен од молнија се преместија – песјак им ја издрпа светлината. Над прстен од пепел се завртија – вивови од пламења ги облазуваа. Над прстен од камен се одвртија – од жеголење на водовртеж премалеа. О сокол и соколица над прстен од никулци се скротија издивени ми го ништат. Некој мерка за црна одежда ми зема. ТУЉБЕН Палев клечки да го одбулам од мрак патот. Таму еј таму обесена гајда пека дулецот на песната да & го отнам. Од клечките секаа сенки се нафрлуваа како скакулци – лилјаци ме облетуваа легнував кротко да ми ја истребат црнината тие по мене испилуваа нови сенки. иструпен туљбен на глава... Го слушнав издивот на гајдата испуштен заради песната запленета – и во црн туљбен заиграв! НА КАМЕН На камен пред порти ме пресеа времето. Невидени гарвани го исколваа одсеаното. Лушпа по лушпа ме излупи времето во челусти на возлени ветрови ме вметна. Го спотера и сонцето да ми ја испасе сенката на камен префрлена – а мислев: ме оддума времето. ЈАДЕЦ Чатал од искастрен корен длабоко во мене зариен на времето му се плази му се подбива. Се накостреши времето за јадец го скрши – покајано ми го подава... ЗНАМ! Се склупчи до мене на лаги стрвно и си ме подмамува: Ти донесов клуч билни ковчези што отвара ќе ја најдеш семката на овенувањето ќе ја сотреш. ЗНАМ! Цутот пак ќе прецути. Ќе ти кажам збор дивината што ја припитомува ноќта што ја обелува. ЗНАМ! Никогаш не & здодеала на змијата дивината ни на ноќта темнината. Деновите со ноќи ти се испресукани – ЈАДЕЦ! Времето по облогот си подзинува. АМКАЊЕ На заслог врз земјена софра си поставив мало сонце од средето извор за поило распретав за амка бело зрно на сончев конец врзав. Со сиот глас завивав на амкање канев. Гласот удираше во глуви камбани – ни сенка од сеница на софра не ми засени. Зрното одврзано изворот ми го вртеше сонцето превртено со сомлено зрно се амкаше. Ничкосана на земја со земја се амкав. КУЛА Ако ги сретнете мајсторите што ги исковаа клинците маглени ако ги видите ѕидарите што ги исплетоа плитарите од сенки водени што ги исушија на сонца зајдени – кажете им: Кула од косена трева косилен со матни дождови измешана од грачење на гарвани вапцана од врани ветришта исправена ене ја се в т у р и пред нозе ми се спростре. Ако ги сретнете мајсторите кажете им: Изгревни зраци за узди зедов. ПОПРЕДКИ Осветлена црква на небо. Занесени ѕвезди со дренови цветови стојат литургија на ноќта & служат. Чекам да заврши чинот свечен ѕвезди со ѕвездено повесмо на попредки да слезат излижани објала да ми поплетат патот да си го доодам – камени тени пред нозе... На небото службата се отпеа зора ѕвездите ги позоба. Зар за душа на ноќта небото ѕвезди раздава? ЅВОНАР Ѕвонци на ридот ѕвонат. На ѕвонарот му бегаат ѕевгарите му се затскрива сонцето. Ѕвонци в пондила ѕунат. Ѕвонарот ѕевгарите ги врза сонцето в јасли го прибра. Ѕвонци во житата ѕвечат. Ѕвонат. Ѕунат. Ѕвоното од ѕвонарот редачки го бијат со цвеќе и земја ѕвонарот го редат... КАДРО На мајка ми Аспасија Ташева Косата ти е разнишана небаре сенки од дрвја здружени во вода. Патецот ти е смешан небаре латици од пупка неотворена. Пред стопени свеќи зар си се чешлала? Скришум замина земјени сводови да потпираш во празни раце темници да точиш. Со исушено цвеќе патец ти разделувам... СУДБИНАТА НА ГЛАВЕНИКОТ Во овенат боливач да ухнам ќе одболи – денизден на љубовта & се фалев. Можам сите межници во врзалка од клетви да ги зберам од извор на извор капка по капка на врел конец да зденам сите склопци песочни да ги отклопам во земни камари светли сажни да накалемам во леан кафтан од топено сонце самовилски ветрови да заведам. Можам за пештеж вечност да ти донесам... ... и за тепсија свадбени пари љубовта за падар ме глави. 4. Времето над мене се дореди. А змија и корен се облагаат кој ќе ми го поткопа конакот. Од смеа или од исрошен камен се засркнав. По патот беленки не оставав по кој белег времето ме најде? ... и за тепсија свадбени пари љубовта друг падар си глави. МУЖДЕ „Копаат... До средземја ископаа рутишта од рофја извадија на сонцето му ги подадоа да ги избели. Раскатена – во рофјена промена друмник без друм друмник без време – ќе трпнееш..." ... и гласникот – уште мужде ми побара! Негласена гласот ме затече ни со вода не го почестив. Сињо ИЗДЛАПЧЕН КАМЕН На орли врв камен исправен темник со утроба исколвана со камени даги откроени... Устремена кон камено изгревиште над камен цвеќе положувам. Издлабен сад со облак намеќаван окапаник со голтки истечени со камени семенки распукани... Наднесена над камено светилиште земам причест – камена нафора... изгребок на камен да израмнам. РОНЕЊЕ НА НОЌТА Среде ноќни ниви – трчам со полна кошара светлина... Ќе го прекренам ли телово – колец в ноќ забиен? Отскокнато зрно – светло иструпено ме открива: исправена копа со сува свила, шушлеп и кочанки., Роначки на ноќни пченки од небо – огништа од зрна прекреваат. Издолжени бразди – сенки надојдени ќе ме подријат ли – темна копа в ноќ вкопана... Изронети зрна во празни кочанки да претурам длапките со светлина да ги наполнам. Среде обрани посеви – се вртам со истурена кошара светлина. ЗБОР ПО ВОДА И очите да ти истечат сињи слепа патот со алкање го наоѓаш и течеш. По речен забран водено семе засеваш во секое време води ти ’ртат. Да можам ракатка бран да ожнеам шумно подзглавје за ноќ неистечна. Да беше птица – преселница капка ќе оставеше да го чува гнездото од водата со себе што го влечеш. И времето како понорница го собираш од извор го исфрлаш и течеш. Подвиена на дно со перки склопени се поткреваш тутурки од вода да завиваш. Да можам снишан пејзаж да претурам долеана вода за ден одлеан – Во зората мрежи ми фрлаат. ПРОМЕНА ОД РЕКАТА 1. Водено вретено в извор се врти син конец од извор разлачен се слизнува – Река. 2. Пресоблечена во шумни кошули и небото го надличи! Со сини жили набабрена сподавен глас испушташ коритото да не ти го исплиснат, заедно со испраните алишта да не ти го истурат! 3. Над недовид кошули сведната ти ги наслушувам ударите на срцето кога се браниш од сонцето оган што ти фрла. Подгонета од врелина, кошула ми разливаш... Кога се пресоблекувам – над тебе ми истекува преслеката што ми ја шириш, а ти ја носиш и ја туткаш... 4. Довртено вретено в гради ми врти излитен конец од разметкување искинат... Префрли ми шумна кошула, нова промена за телово – Сињо. ВО ЗЕМЈА НА БЛОСТУРИ Царица без цар во земја без стапалки во земја на скаменети поданици – меѓу блостури. Камо сабја да ја изострам од овој престол, од овој камен и од гуштери заборавен! Ем царица со круна опалена од триење на сонце со стари крстови, ем тажница со гламја меѓу гламји во земја оголена. Ниту оружје зелено ниту бајраци кренати ниту грб извезен! За пламења се фаќам да се исправам од отворено огниште оган да исфрлам со два страка зраки камења да изметам... Камени скакулци по круната ми скокаат! Со што да замавнам? Меѓу блостури на блостур си прилегам.. ТРЕСЕЊЕ НА ПЛОДОТ Сиња шамија раширена под небо... Тресам дрво високо со сињ плод од сини врвови. Птици скитници птици прелетници над сињ плод си калапат крилја и крици. Кај да најдам високо фрљаиште да ги разбркам – повисоко фрљаиште од птичји висини? Кај да најдам посилно кричалиште да ги преплашам – посилно кричалиште од грла стегнати? Сиња шамија развевам под небо... Ги мамам со синило. Летаат птици скитници птици прелетници – со прегорен цут со суви лисја се надлетуваат. Изгорено дрво тресам. Небото сино – сињ плод ми се стори! ГОЛУШКА Гола голушке, се наљуби затворена... Проѕирна пролет танки дарови ти распрати бели реси, капки поднизани. Поткитена до плотта на плодот се добираш соголена во вир непревриен од љубовни грмежи телото ти јаснее. Гола голушке, се наплоди издлабена... штом в утроба дрвото ти зашуми запалено светло плодот ти врти. Нарезбана од искриистурени распукана в земја се отвораш искришем дрвото го испушташ. Гола голушке, од резбите вез на кожа си зафаќам... КАЛЕМЕЊЕ СО ПУПКА На татко ми Косте Китан Низ кори од диви дрвја со зраци засеци издлабувам – легала за пупки и извори. Прекршен зрак – меч од војна изабен в пазуви како во ножници спуштен... Се бележам со светло обредно низ безлисно дрво пролетта да се исплисне! Се внедри пролет в длабини чеповите ги отвори светло и вода да распушти... О, дореда калеми безлисни! Зар опаку пупки калемев – удолу в темнина? Али бессемена билка ми беше водило до време на ’ртење, али ме созборува сводје високо со требени капки во сиња синија... Роило пупки превртени – мртви заврзоци на гранки застоени. Пролетта како разлутено улиште избега. ЦРНА МЕШУНКА По еленишта – низ навеишта се товарам со треви од диви пчели оплодени со лист од две лиски свиен со треви и во суши зелени. штрака црна мешунка, ѕвечка исушена... Од гавранов камен поткревам тревен нарамник со базје збиено со ластунки подземни со саќе преградени стеблинки во секое саќе по еден извор. штрака црна мешунка, ѕвечи ѕвечалка... Низ виролишта – по пукнатишта збирам треви со семиња од води разнесени со цвет само за цутење што се шири со треви и во поплави исправени. штрака црна мешунка, ѕуни ѕуналка... На петлови гумна растурам треви со латици во боцки престорени што ’ртат во време секое од газење што бујатат од тревен глужд корени што пуштаат на секој глужд по еден лист. штрака црна мешунка, ѕвечка исушена... Во заклопци од црни мешунки подвиена ѕвечам на распатки. ПРЕДАНИЕ ЗА ОЖОНКАТА 1. На пролетно ковало костен подместен... Се опсилија навеви со лушпи со боцки, со осилки. Ковано наметало над костен отскокна. Когашен е овој оклоп што одбива вирје без обдени што подзема дотеци на белини? Затскриено зреат костени. 2. На студена ковница навалена небаре пара излижана... Ме навеваат намети со окроени корења, со мртви расади. Телово, отфрлена ковина над искршени садилки во земја угасната. Пукаат ожонки. ОДВЕВАЊЕ НА СИНЧЕЦОТ Ветрено веалиште над синчец расцутен... Вее бои. Во длабини одвева. Како да умирам ветрови, коњи преплашени како да укротам секавици,осилки снишани како да увијам во капки латици одвеани? Во вода одвеан неоту боја за цветот наоѓа на камен окапан неоту висина за растот подзема. Веам води. Камења превевам. Како да укротам бури цвет да уберам како да утоплам камен корен да увртам како да укитам со сињо синчец угинат. Под полог од камен, одвев окаменет... ПАЈАЖИНА За дворец неизѕидан – гозба од расје и бурјани... Во предворје дворам пајаци. Одаите – магли издлабени... Се исправам – столб оголен распнати раце – надвратници. Гола соблазна за китило годна... Ветрови, над кои оџаци кукуригате? Преправена мртва – мамка сум жива за пајак над уста полазен – конци да ми наобеси насмев да ми спајажини. Да научам мрежа да соплетам кркотница да уткаам – да видам како се засмевам на гозба од расје и бурјани – во дворец неизѕидан. Магли, ширете, раширете ми ѕидови! Преостанат празник ќе празнувам... СКАЗНА ЗА ПОЛЖАВОТ И – Исползи полжав... Во празен, во огромен простор. Иползел низ полози од магла и срмен поткинувал конец и сува светлина ронел: Засвети Првото семе! Пукаат лушпи оган да исфрлат с’ска наострен простор пламни да потсили Висок пламен по магла се јази ниша вжарена кикиришка; со јазици испуштени пламења се наддаваат да досегнат голем пламен – Тој искрикна и изгасна и во падот не престасан! А пепелта од сите иста над полжавот што ползи низ страсното ковање на оган и чад. Потем се истлеа и се таложи на лушпата од полжавот и семенка и сок и движење. Се тркала полжавот и врти и отсјај и ѕун и одлив; го извива времето спирално – И семирот го обликува по својата форма. Ползи и се полни. И– Земјата најмногу ја допира. ЕА ПРЕД СТРАНИТЕ НА СВЕТОТ На црн камен му се моли... Да нарои ден обграден со моќен мов и прстени. На црн камен му се моли... За гнездо на небо испилено- за оние ситни ѕвезди со сјај што се натфрлаат. На црн камен му се моли... За крст од два зрака на земјата. Во внатрини да одгрне предел со дрво засадено записот од сонце вдлабен да го најде – Еа да огрее. ЕА И ОГНОТ На брегот Еа оган остава. Никој од никаде дар да поземе- зад зрнца песок се утајува сиот свет, а Еа пред Зрното. Времето скротено в обори со виме набрекнато за молзење во налети млаз избива. Лактите Еа ги запрега сажни време да измери Колку војни со времето поведе да се отвори капак каменен искра да кукурига... Да одблесне! Му ја одзеде Еа тежината на кременот му ја ослабна силата. Среде светот оган запален, а Еа пред Оган. ЕА КАМЕН ОТВОРА По кожата, од дрво коруба трат се нафатил. А секало? Еа камен преврте. Се запрегна далгата – главена перачка над камен неистриен! Еа камен отвори. Се опсили трошен камен тратот да го наикри. Еа искра не виде. Зар пилци по искрите – истурени зрна исколваа? Се подмести меѓу бели ангели, меѓу два бели камења в река што удираат. Од белото бело да искати. На кожата, темното стрниште горат огништа. ЕА И ДРЕВНИОТ ГОВОР НА ТЕЛОТО Еа на врв стои... Во осветлена ноќ збор покажува. пред сиот простор отворен: во проѕирна камбанарија виси ѕвонец проѕирен над ѕвонците уште ѕвони... Отворена леарница не сопира! Еа ѕвонци заниша. Се одмота Ек удри в ѕвонец, ѕвонците удар преземаат. На силен гласник збор му предава... ЕА И ЗБОРОТ Пукнатина Еа всекува во Ноќта – Јатка заклопена. Шири – пукнатини небески да рашири. И глас – притока навраќа, кора да подрие – јадро да одвие. Пак в завир по зборот што се привраќа! Држи – за краиштата на водниот свет Еа се држи и со Збор земјата ја поткрева. ЕА И ПРВАТА БУКВА Се ниша светло – вода разнишана прави, криви, црти навалени јасиката фрла на карпата. Штом сонцето најширок круг ќе опише штом најдлабок полукруг ќе засече колку за врв од зрак палец од показалец Еа ќе оддели стара азбука да препише. Над треперлив круг притиска длаби над длабок лак... Стрепери јасиката, линии испреврти светлосно писмо пречкрта. Првата пролет Првата буква ја научи. ЕА И РАСАДОТ Змија ја чува водата. А требаше Еа да зацрпи првобитна вода да изнесе. Водата да ја преуреди. Да влезе Еа вода да разигра земјата игра да прифати... Потопот ако се повтори? На жртвен обред Еа се реши: Срона зрна од рамото и извор откопа в утроба на водата вода да наддаде. И бескраен збор длабоко потфрли. Змијата сон ја повлече Влече Еа бран – воден сноп на плеќите носи. Жива вода да расади. ЕА САДИ ПОЛОЖНИЦА Езерото, сино платно накиснато. Древна перачка го оптегна се преплаши да не потоне (која вода од вода потонала) камен до камен изнареди над платно. Збива езерото во слабини превиено се напиња сини камења да измести. До плотна Еа се добира Гранка вода да открши положница во вода да положи. Се отфрла бран со вода затрупан на сино платно реси да испушти. Езерско платно Еа превитка превиткан крај со прст притиска. Најубавата страна ја држи отворена: Се раѓа крлушка. Еа кине реси, папок подврзува. ЕА И НЕОКОПНАТОТО Црна Еа со црна желка се врти... Од замрачен од црн оклоп сонцето го отклопи. Замрзнато да одмрзне. Црна Еа со црн жерав се врти... Од црни пердуви – црни зраци сонцето го одгнезди. Сокриено да отскрие. Црна Еа зимзелено гранче врти... Од црн јаглен – црна тежина сонцето го отрупа. Неокопнато да окопни, Црна Еа со сонце се врти... ЕА ЦРТА ВО ВОЗДУХОТ ДИВОКОЗА Со бел цртеж Еа сѐ заледи Кој врен здив ќе ја пресрети Тежинана, нестопена што се помести. Кои зраци – кои мразулци над Времено ледено? Што извива Еа над ледникон зар тревни – леднине ластунки? Пролетта не победува наеднаш! Линијана што ја крена на воздухон што се потпира се претура истопена. Кој остана во висина Пролетта да ја најавува? Рогови в лед удрија! Со една црта Еа сѐ отопи. Што е она на врв цртеж што лиже лед што голта лед со рогови молњи што отфрла? И почна Еа по пасишта да брсти мов и светлина... Убавина, силно очи што напаѓа: дивокоза ЕА И ВРЕМЕТО Други нека љубат царски нозе! Еа гумно зраци врши... В гради течни стрелки врти уште срце да навие! Колку пати да заврти да го врати времето растворено шеќерче – во устата што и се топи? Преточено време, Времето отпива... Не одрекна Еа: Невидливо да не види Немерливо да не мери – Еа гледа во времето: зрачен мерник и од очна белка попрозрачен без еден, неизброен број тасови отпразнува. Еа гумно зрна крева... Други нека љубат царски нозе! ЕА ГЛЕДА СТРАЧКА И бела и црна – Страчка влечка опашка потпирачка За црно За бело. Сјаен товар растоварен... Страчка со страк опашка во сјај зарошка. И црна и бела – Страчка влечка прачка потпирачка За црно За бело. ЕА ПОВИКУВА ПО ОПКОВА Ќе се најде ли еден – Од непресечено да пресече парче да не отсече. Неоткроено да открои! Од непретурено да оттури капка да не претури. Неистечено да истече! Од неодвртено да одврти врв да не сврти. Изртено да од’рти! Од неотворено да отвори наковална без засеци и удари. Од неисковано да скова опкова – ќе се најде ли еден? ЕА ПЕЕ НАРОДНА ПЕСНА Лелеј сонце во очиве, црни икри не засевај! Ќе се вират да призорат, во лицево да огреат! Кое зрно да отребам, дребни, едри сите црни! Елај сонце на испомош, црно семе да прегориш! Кај си сонце да ме видиш, векоишта подведена, да откорнам горна сенка, гнила кора напластена! Кај огреваш залисано каде да си навртено ој ле мило, помести се грутка црна да искршам! Над сенкиве из’ртени збујатени што се шират слези сонце, прекрени се! Кое да е бубачено на небоно разлазено, што отстоја дур, опрашам? Горко мене, црно мене лелеј сенко, јас без тебе! ЕА И СМРТТА Ќе ја заведе ли Еа Смртта со Ѕ со Е со ѕвечње со ечење? Затскриен над Ѕ над Е повит затегнат Ѕ да превие Е да обвие Се извива Ѕе завива. Да се стопи сиот семир – излеана ѕвечка да заштрака– да заштрека Ќе се залажи ли Смртта со играчката Ќе се изведе ли пак од Сѐ со С со Е со секање со екање? ЕА И НИШТОТО Силен ковач со тенок чекан на чело & кова еблебија... Се плаши Еа да не се излие Ништото – ја спрема лаѓата: ја реди со стари букви, ја полни да не ја преврти бран од Ништото. Со веслата еден замав и остави саан со вода – водна бездна Ништото да го насели. Се брани Ништото како од ѕвер од првата капка на веслото со кое Еа го засече. Во секоја капка светка меч штотуку изваден од труп неизладен. Со илјади знаци Ништото се отвора. И тоа ли има разбиени крми и дна-амбари? Со една стара буква од страницата со истурено вино Еа влезе во Ништото. Невидливи Еа и Ништото се сретнаа. УРИВАЊЕ НА ЗВУКОТ А беше еднаш речено: Некаде жица одекна. Да речеме уште еднаш да се сторат до два пати; Некаде жица одекна! Подриена здив-жица – канџи, нокти, кртици. На кртечини кој притиска? Најнизок звук завива – на волчјо завивање играм! Ќе се здавам со овој звук – пајажина што трепери. О грло со писок на нијастранг.* Прусна удар по жицата потрес звук – и дно и врв бруси. Се лупи водата од вар отнати магли – огради околу гради. Играм и се уривам. Една рака замавна и сѐ се измени Траскотат алки синџири. Кој ми подметна окови за танци свечени? Ѕвечам и отскокнувам Победнички звук да чујам! ОСВЕТЛУВАЊЕ НА ТЕЛОТО Некој жица затега. Низ жица пламен испушта во сад-тело залостено највисок звук стекува и се враќа. Да слазеше бубачката Прв отвор што прогриза на трски и кочанки... И птицата со клун остар в отвор да одвртува. Ни длапка од коњска стапалка пред телово за газило подместено Ни рог да нарасне. Кога е на ред мојот тон? Ни усници старински на сонце да отсјаат. Усни-усник откинати Ќе доввикав дивви кози да ме брстат И свирачот во аз бавчи што го пуштив во ад бавчи тиква скина – јас срце & вадев јас кора & сушев највисоко „ре" да се чуе. Не за молепствие не сум владарка што војна заговара што откршува летна гранка. Звук за ѕирка невидна Највисок тон Првото тело да го осветли. ДОСТОЈНО ЕСТ, N ГЛАС Ај духови-призвуци јачат... Да читаме молитва Калистрате* над смрека над дно од јавор! Сатански посатки гудат оклопи од желки прачки и черепи сандачиња и пламења – исцутени звуци Калистрате, Бескрајот кркори... А жица? А звучница? Нафрлете се духови-призвуци Газете откинете кожа затегнете жица Додека лежам в леја, оставено стебло на мраз и жар да се збирам и одземам додека пукнатини потполнам – подготвена плоча звучница за жица одврзана. Затегајте навивајте подлабоко и погусто Ќе докрепам тешки жичани одежди О, сите жици врзани за еден крај од бескрајот! Калистрате, срцето камбана удира. КОНЦЕНТРИЧЕН КРУГ НА ГЛАСОТ Х Еј, Бескраен, глас испраќам да доврши Глас. Кој е оној што пред гласот застана? Оној со јазик на слуга што ми објаснува со нишање на глава со ширење на раце. Кој е оној што одзближува две дланки – две галаксии Оној што токми усни со свирење да ја врати ѕвездата в јато. Кој е оној на срце што притиска и тупот што в земја испраќа Оној што јазик плази Со трепкање што ден ни затвора Оној што в очи ми рошка и житен пазар растовара. Кој е оној што исто и усни и камен бакнува. Оној што ми прави метании дури со светот не поминам. Тој пред глас што застана ми покажува: Низ игла глас се провира еден глас а два краја. А бескрајот еден. Атум. Ѕ. ПРВАТА ПОДЕЛБА НА СВЕТОТ Не ѕвекна. Не го најави создавањето на Земјата. Ѕвекаше во Црн круг. Присилена да врти затворен ѕвонец научи да срица: и з ѕ е м н и ц а, и да минува еден ист пат за да го принуди звукот на пролетно цутење. Од Ѕ со Ѕ се брани ѕвонот Со што ги засилуваш ѕидовите на ѕвонецот да го одржуваш редот на смртта? Надвор горат огромни времиња. Ритамот на замрачување без одбрана. Пред орди пламења ќе се извиваш и ќе ѕвечиш. Зошто вртење на сабја? Војник или љубовник кој прв Ѕ припитоми? О, Ѕ оружарнице кој се вѕира во мене? Разѕвекани ѕвонци ја објавија првата поделба. Ѕ, ти гола пред светот, Ѕ, змија излегува од првата природа. Ѕ Ѕ. Ѕн. Ѕнг. Ѕнгр. Ѕнгара. Ѕвизак удира во Семирот крши рогови Ѕ да разреди. Ѕумба, ѕумба ѕвезди ѕвечат небески ѕрнѕурки. Ѕн. Ѕн. Ѕверилник со муцки со чурулки ријат во ѕвек истрошен. Криенки ѕунки и одѕунки лунѕаат во Ѕ простор извиен Ѕвездочел коњ во Ѕ разѕипан. Ѕн. Ѕн. Ѕвекотат златници вжарени ги раситни времето, ѕангари Ѕн. Ѕун низ Ѕ издивнат. Ѕн. Ѕ ринат. Ѕ. Ѕн. Ѕнг. Ѕнгр. Ѕнгара. Ѕвонец превртен Ѕ соѕива. Ѕ... ВЕЧНОСТА НА ДВА Разновест безмилосна: Сончевата година на два котиледона поделена: Ден Ноќ. Се менуваат две годишни времиња: Цавток Восок. Два, двојно облегало Син камен и змиин Брез коњ за миење во Црна Река, црница. Свртување кон невидливата Хестија. Лижење на Голем снег. Број сѐдвижар: Одење на одочест на стебло јаболково, Исак Њутн. Гледање в сонце до два пати да мине низ точка пролетна. Миење на оружје среде залез, Небесно востание. Број вој Кастрење на Ѕ отпуштање на мени Предавање кожурци. Број Ој Љубење на Ерос „Бог на сите бесмртници најубав" Неми камени тапани. Резанка милост за оваа равновест безмилосна – се намолив. Сѐ глава ми завртува. Се свртува број Сѐсилец: Здив Одздив. ПОВИКНИК Светат древни списи Во нова ѕвезда се создава нов год. Молчат стари знаци. Каде е Хронзи да го дешифрира мојот Бог. И милана ластовица си премолча височина на лет. О името ми го кудат. Што да присилам да врти во мене? Еве повелби, даровници – смола, гранче леска затегнувачи на корења. Чекајте, го чекам зракот од Проксима. Ни Сонцето зраци не остава. Еве магиски формули, жртви – долга коса исечена, ноќно небо да отворам. Од времето звук произведен, околу себе завртена магнетна оска. О името ми го носат. Причекајте, со оловно стапче да допишам спис со песок со восок да попрскам – и знаците да ги свртам. Јас, не е конечната форма. Молчат стари знаци. И милана ластовица си премолча височина на лет. Во нова ѕвезда се создава нов год. Светат древни списи. Ни Асклепије ни петел ни пес ни змија! ПРЕНЕСУВАЊЕТО НА ВРЕМЕТО И ДИВОТО ВРЕМЕ НА ROSA CANINA „Ако ме прашаат што е тоа време, ќе речам не знам, ако не ме прашаат, знам што е тоа" Силум сопирам брате Августине, ми се измести стременот, ми се навали седлото камено. Замижан петел ме удира со крилјата времето добива светла форма. Ми паѓа последната сенка – овчарски стап со цртки вдлабена, Отпочнува судир со усвитот, тој бој на гаснење, кога зракот престанува да биде светлина кога победен влегува во зрно зеленило. Ќе ги погоди ли сите точки да повлече линии, со топлина да ги поврзе сите ситни отвори. Ќе настане ли тој Услуп во едно – вжарени навојници, запци тркалца што светкаат, скокови стрелки, прелевање, рамнење... Времето добива Светла* форма. Силум се свивам брате Августине отпочнува риење, кртење навивање на дивото време на ROSA CANINA. * Роденото име на авторот ПРЕСТАПЕН ДЕН „Кога сенката ќе биде долга десет чекори, намачкај се со миризба и дојди на вечера." Само еден поклопец ме дели од пламенот, стопане Само една капка Колку вода време да истече, да излезам? На колку капки е поделен овој ден што капе: еден два три четири пет шест седум осум девет десет единаесет дванаесет – течни удари на капката. А број само: Еден. Колку пати збир да проверам: слиени капка и капка се една капка. Стечен збир. На која капка до тебе? Пак го одбра престапниот ден на облакот, стопане. ПЕСНА ЗА ВИНАРИТЕ Кроце винари покроце уште коњи неодврзани уште вина нетоварени крцкаат мостови раскатени. Уште коњи неспотерани од тупоти се дробат мостови се мати водата. Причекајте да премостам морето, солта алгите и Кулата и Кулата. Капка една Беломорска уште треба да префрлам. Кроце винари покроце на пол’пат нестасани искрикнаа греди накривени. Уште школка да наполнам за здравецот, за семето уште школка да затворам. Кроце винари покроце во премостеното во заклопеното да погледам. ТРЕБЕНИШКИ ОБЕТКИ (Од „Требенишко поле" елинистичка некропола III–II век пред нашата ера) Со јато време над грутка злато стариот мајстор преседе, дур’ не виде двор без дрво во двор жена што се рони очи-зрна што истура и ветки од рамења кај спушта да слетаат птици неслетани: Пили – пили, пилци златени... Со јато време во грутка злато стариот мајстор доседе, дур’ не крена од пламни огради за грутката злато да ја стопи и тенки нишки да истегне да се кренат птици излеани. Кован дар на земја остави. Во ископ време дрво потера пушти гранки се раскрили: Пили – пили, пилци златени... ПРЕДАВАЊЕ НА КЛУЧЕВИТЕ Само да се одврзам од овие ѕидови, појаси камени само да се одвијам од овие кули, издиви извишени – ќе кренам љубовно востание да повратам царство ограбено – А не знам со кого да војувам! Удирам во празнини, врати затворени од ѕвекотот телото ми напука штракам по клучалки без клучеви да излезам на љубовно боиште да донесам царство однесено – А не знам со кого да војувам! Само да се наострам со ова оружје од крици исковано само да се отклучам со овие клучеви на сон предадени – ќе кренам љубовно востание да обновам царство запустено – а не знам со кого да војувам! ПРИПИТОМУВАЊЕ НА ДИВИОТ ЅВЕР а/ АЛФА-ЖИВОТНО „Сите диви ѕверови во планината и во полето, се мои." Цар Давид И мои, царе! Еве крда, булуци во брлози под жили. Сега волчица в уста со волче последно – на сув листинец... Лисице, за љубов цвилиме! Со елени креваме буен строеж на глава, порожје испокршено... Кој прв од двата згинува неоплоден? Ај, смрт-молња – Удари на рогови! Царе, кој ме љуби повеќе? Клафкаат копитари, тревари, преживари шупливороги. Сега волци учам нокти да вовлечат. Ене и дивокоза дур’ на небо отцртана со свирежи најавува уривање на лавина. А време е! Со мечките да лупам табани да кревам шепи голи широки пред слепи мечиња дводневни. Царе, сите свети! Низ честар ноќно животно номад без легло во заседа. Во голина шумска мачка, месечина што се крева патот што го криви. Невестулка со пламен опашка. Царе, сите ги допирам. Полегнати гризачи прикрадени сејадци сите в дувло студено – подземјево на телово. Царе, сите најмои! Јас, алфа-животно. ДУШНИЦА Царе, сите диви ѕверови од планината и од полето сите мои. До еден. Само оној црн ѕвер Ни твој. Ни мој в ледно дувло што зарива Само оној црн ѕвер што траги ми подгазува Само оној црн ѕвер што ме гледа занесно кога глутница предводам на дневна светлина да привикнам само оној црн ѕвер е немој. Царе, Само оној црн ѕвер И мој И твој Само оној црн ѕвер душницава што ми ја души не е мој. МОЛИТВЕНА А јас само по просо... А само пред коси. Само пред коси и камни за клепање над откоси. Поможи Боже рабини С. многогрешној. А јас само по роса... А само со оси. Само со оси и осилки за искрење над острилци. Поможи Боже рабини С. многогрешној. А јас само по маја... А ете ме в скраја. Само со слана и ластунки за свивање над свиоци. Поможи Боже! Торбари праматари решетари со лакти со писки во очиве разрошкани. Уем зрна ми бараат двеве црнки од две очи. Поможи! АЗБУКА Буква по буква одам: А б в г д ѓ е ж з ѕ простор по простор една азбука. Иже јеси... Каде си? Капат смоли нотни симболи ечат миси исти записи. Не ја крие мечот силата не ја таи огнот искрата. Над секоја буква огниште... А б в г д ѓ е ж з ѕ редам напамет. Ридам молитва: Иже јеси... каде си? На меѓа ни дете заспало. ДА УМРАМ ТАНЦУВАЈЌИ На прсти... За танго станав. Прст по прст (на дете така мајка прсти измива) им мијат прсти на Играчите. Во чисто Кругот зачнува. Кој играч ме презема? И со танц ме води низ зиг-заг ритми. О, синкопи! Помножени криви оддвижени тела и со нули сфери поделени. Кој ми ракоплеска? Да се вртам. Во Круг да отпаѓам со секнати, симетрали со степени и симболи – О, отисок! За танго станав. За нежно лелање на лист. На рулче. Во чисто да зачне Круг. СИН АНГЕЛ Држам прсти в езеро. Држам псалтир, позлата. Над сто листа пергаменти бистра вода прелистувам. Син ангел се поткрева. Вртам вода страници. Вртам реси, боици. Псалм отворам. Син ангел се отфрла. Сто седумдесет седум лисја вода ми распрета. Збирам слово, позлата. ГЛАСОТ НА САДИЛО Во езеро летни огништа... Се распука капка, Семирна семенка се зададе, викна Садило Глас наудре. Си тапотам... Ја улегнав водата од играње од паѓање водни шамичиња. Над водата се лизгаат гудалата пак ја рече Садило: „Колку ѕвезди на небото пушки ќе фрљаме никој да не знае". Си потонвам... Колку ѕвезди во водата? И ВОДИТЕ ЌЕ СЕ КРИЈАТ Низ шамак зад гуски – б е з ш у м н о, водите ги водам. Кој век лежи верху воднине плочи темнејши? Ноќта ја искачувам низ три илјади 989 кружни скали водите ги кревам. Кое небесно тело се врти верху водава светлејши? Со последната реченица од житието на водата ќе започнам да говорам – ш у м н о: И водите ќе се кријат. ГОДИШНОТО ВРЕМЕ: ГОЛЕМ СНЕГ на Сергеј Во одајка легло со златни ногарки на леглото синот заспан. Ѕидовите снежни платна на платната зимски слики. Очи кревам ледни дршки, мразни рамки да прекренам. Во одајка легло со златни ногарки на леглото синот буден. Очи крева бело цути, заврзува јаболкница. Со јаболко стојам и стојам – румената страна да ја гледа. ЕДНА ПЕСНА Во црн вез загледана... Прусна моров конец. Морна мотам конец. „Ој ти пиле" Зачна ноќта. Изналиста на дрвото залегната. „Славеј пиле" Прусна поен конец. Бессопирно мотам конец. „Ја запеј ми" Се искрена. шумен за небото врв скапоцен. „Една песна" РАЦЕ Рацеве суварци на сонце изнесени напати шушкаат кралска пеперуга слетува. Рацеве пратје на подводно место оставени чадат влажни потпали. Рацеве сабји од ковање светнати. Поттргнати – висок дервен Демир-Каписка клисура два брега за реката. Петар Делјан проаѓа. Рацеве за молитви доближани: избави нас от лукаваго. ЛИКОТ НА ВРЕМЕТО Не брзаат корабите на бедрата навалени – во водите за страсно отскривање за љубовно брусење – влегуваат со лечебни билки зачини со лицата на времето – товарени јајце срце крст петли и желади – водите пак на брег се враќаат со реси и атласи. Кои брегови минаа пред мене? ИГЛА Вжежена игла исправена. На врвот сиот Семир застанат во процепот јагне блее. Споената јатка на две половини разде – лена. Низ иглата моруна – проѕирното се лизна. устремена игла со жестина виор суче конец влече, ме затега – убод до убоди... За празното зашиена. АСТРАГАЛИ Руди и руј толчеш. Мешаш. Црвенилото на лицето потрошено... Сталактити поткршени – обетките тешки, влажни. Чуваш инсект. Превртен во кутии празни. Смртта игра со астрагали. Ја прескокнав цртата на Цезар. Ја, заиграј Русалиско, Самовилско! Коленици свивам. штрак-та штракам со ашици. Тресеница, Џангурица Поступано, Потрчано ситно, ситно Ситното. Се свесели смртта ни остави астрагали. ВЕЧНИОТ ЖИВОТ НА ФУСТАНОТ Се утаи Ту Ван На* со благост се таи во благ камен. Во жад. Ту Ван На запален лажен год. Масло во затворено кандило. Ту Ван На на златна плоча саќе што цеди мед. Ту Ван На на празната страна со златени нишки составена. Каде е Тувана? Со Семирот мирно лежи фустанот на Ту Ван На. ВЕЧНИОТ ЖИВОТ НА СВЕТЛАНА Се утаи Светлана со благост се таи во глина. Во кал. Светлана завртено тркало на грнчарот. Извиен на ламба врат. Светлана на земна плоча цртка што злати глиб. Светлана на полната страна со лити нишки разложена. Каде е Све Тла На? Со Семирот мирно лежи телото на Светлана. АЖДЕР „Чија смрт сонував пророку" Парменион Во свилено сито пламен бројам: ден недела месец век... Век аждери! И верници! Кој преброил свеќи запалени. Со свилено сито пламен вртам за аждерот писмо љубовно: „повлечени црти, линии со очи со срца поврзани" Побрзо од ветар правец што менува – аждер приближан: очи в очи. Започна говор прстите. Се заниша љуљка. Од внатрини влечам соѕвездие го обвивам... Во аждерот впиена со долг бакнеж, безздивен. Така го убив аждерот Така измислив збор – и светот започна... ПОСЛЕДНАТА ГОДИНА НА СВЕТОТ На телово гумно ’ртулци крдо коњи разѕвискани над секој издив сјајно копито. Господаре, да починам! Над утроба стожер преместен плева време одвеано водно класје прекапано. Трето гумно кршен камен наредена да заврзе да изртат ’ртулците. Господаре, последната година на светот ја вршиш! По мртви коњи удираш. СРЦЕ На срцево врв му острам! Со чисти раце како пред Велигден што се чистат охридските куќи, молив земам. На белиот лист убодот на моливот или остриот врв на срцето? На моливот врв му острам! Со чисти раце како пред Велигден што се чистат охридските куќи, точка ставам. На белиот лист точката на моливот или капката на срцето? СЕТА ВЛАСТ НА ЗБОРОТ! Сета власт му припаѓа на зборот што го повикуваш: „Чедо, појави се да не го пропуштиш паѓањето на снегот!" И на зборот долго под непцето криен: „Чедо, појави се да не го пропуштиш сеењето на ситото!" Одсеаното – висока планина. Изнеси го на планината што ја однесе сенката на орелот. Зборовите како орлите од планината примаат раст. Сета власт на зборот! На зборот со седефен врв, во мразот ров што отвора. А мразот друг збор крие и топи. Пред да се стопи открши го. Цел. Со сите букви. Заради една буква зборот се загубува. Ако е под леден пласт. Легнат над ледна ледина, еве ви експлозив: врзани: С и С. Согласка и самогласка. Со одек се утврдува дебелината на мразот! Со кој ек на топлината? На зборовите им се покорувам: како земјата – со движење околу оската. ДРЖАВЈАНИ НА ПОЕТСКАТА ДРЖАВА Се воплотените: „И, ги кладоа буквите в пазуви тогаш тие во телото мое се сокрија". И: зборовите: вабените, вглабените. И: усвитените: „Со ости го гореа зборот" И: зборовите: осквернетите, осветените. И: скрбните: „Поарно е да веруваш во жужел, да ти ѕуи!" И: требените, наздравените. И: доверените: „Тој не плаче зашто јас плачам за него". Државјани на поетската земја се: непомирените: „На вселената суди & сине, на Невечноста!" И: зборовите: нарожените, оведените. Гиди, и на оддуманите! Егиди, и на пресвиените! И: очајните: „Мила ми смрт и од животот помила." Државјани на поетската држава се: Дејгиди, и: умрените! ЖЕНИ СО СКЛОПЦИ Круг од жени. Со склопците. Круг склопец. Во средето празен. Отвори-затвори склопец-поклопец. Отвори-затвори круг-одкруг. Го раѓаат на химната ритамот. Фатете се за најблиските раце. Раце-врен леб. Спојувајте играчи! Прсти низ прсти небаре цврсти дренови леси. Невремето носи сѐ што не е врзано. (И синџирот е создаден од алки) Последниот играч да има слободна рака, од дланката да направи вдлабен склопец, и отворен да постои! Внатре се таложат и редат: билки и животни, небо и букви капки. Какви не капки. ронки. Какви не ронки. И трат збиен низ дланката избива. Така. Удрете! Со кременот посилно! Така кресна Кресна. Востаничка. Така нека кресне химната. Македонска. КОЛКУ ЗБОРОВИ ПРЕБРОЈАВ Македонски. Колку врзопи со зборови наполнив. Изврзав. Со колку зборови застанав? Ме сослушуваат за шеќерот... Разбирате македонски? „Во една коцка шеќер има 250 милиони клетки." Не разбирате, а усните ги оближувате. Зар ми отскокнаа зрнца шеќер од шеќерот кога едно за друго со зборови устата ја полнев, кога го крцкав зборот – шеќерот, и – последниот збор од врзопот последен. Крцкаат сите 12 000 зборови. Сведоци за неправедно оставените во мемла, затвореници, со синџири и катинари на јазици. Ѕвечат на македонски. УКРАСИ ЈА РАКАТА СО СЕМЕ Сеј! Оти да не се верува: со просипувањето на буквите в земја – настанаа Светите книги. Украси ја раката со семе. Пополни ги земјените таблици. За секој глас по една буква. Првата е буквата: Големата. Непокорено срце има цртата положена над буквата. Големата буква не се чита! Која да е буквата што не преживеа? Заради една буква ќе немаш ни владетел, ниту со твојата буква испишан век. Век помалку – два. Украси ја раката со семе. Еден глас, два, три... Колку гласови без букви останаа? Слушам глас: целебен. Глас преукрасен, слушам. Украси ја раката со семе. Украси го гласот со буква. Кирилична. ЗМИЈАТА И СВИТОКОТ Угреана змија ме буди... Свиен свиток во мене се одвива. Се свиваат точки, црти, Изохипса се извива – куќна змија на првото сонце излегува. Да не би од незнаење змијата ја убијат! Дај им боже знаење: со почест на човек длабоко в земја да ја положат, со бело платно да ја покријат. Змијата го чува свитокот со душата на првиот предок. СЛУШАЈ ГО АФИОНОТ Слушај го афионот! Силно пука чашката. Со силен звук семето го расева подалеку, надалеку. Звук и семе – заедно се посеваат, а никне едно: афион. Да викнам ко афионот! ДА СЕ ОСЛОБОДАМ! Зошто не ми дозволувате анималност, зошто не: воен инстинкт, освојување; зошто да не ја обожувам страста? Дозволете ми ги осветите, лукавствата лутините, сладострастијата! Зошто не ми доверувате сознанија и мудрост, зошто не ми давате моќ да поставувам цели! Целта да биде точката – вон Умопретставата, Целта е кај зборот што е над секој звук! Зошто се плашите да не го засакам злото? Да не ги љубам демонските обреди. Со надумни средства умот се шири! Зошто да не создавам мит, „чудесна невистина" – мит за новиот век? Зошто не, средба со ирационални зборови? Зошто предупредувањето: ако ти се јави нешто натприродно, отвори очи и извикај: „Не сакам да го видам! ако ова видение е од Бога". Зошто одвраќање од демонско заведување? Дозволете му на сѐ што се влива во мене, што нурнува во телово. Дозволете му на ликот на зборот сам да се образува! Дајте ми упорност да не се плашам од опасности. И од скок мртовечки. Во непознатото и во неочекуваното да не застанам на половина пат. И да не паднам во малодушност, срџба и очајание! Напор, вртлог и бесмисла, дајте ми – да летам и да не паднам, како тешка птица да летам право, како гавран не кривејќи се, не виткајќи се... Дајте ми волја, уживање, властољубие, себичност Љубов дајте ми! Преумножете сѐ што ќе ме истроши. И – да се ослободам! СИТЕ ЗБОРОВИ НА ПОЕТСКАТА РЕПУБЛИКА Имаат еднакви слободи. Еднакви права. Сите имаат право да украсат прст со прстен и да знаат кои треви под снегот долго лежат. И право да научат што е слачец. А што беше слачец? Сите зборови имаат право да знаат колку е далеку водата. И право да ја научат играта со прстите на заљубените. Тој голем Говор. Моќен да ги наброи врвовите. Да набере сила и да ја потурне капката да капне. Така & се намалува тежината на водата. Зошто само синиот збор да има право на син збор? Секој збор има право бранејќи се од осата да го згреши патот и право: секој збор да се престори во осилка и брзо-брзо како стоногалка да се вовре како низ ушинка на игла, за да излезе отаде Просторот. Таму сум. Таму крај мртвата бубачка седам и ја редам... Реденица зборови со еднакви права. И право да плачат! НИТУ ЕДЕН КОНЕЦ ДА НЕ СКИНАМ! Одреди ми ги движењата и силата на прстите уште еден конец да одврзам! Само еден е почетокот на конецот во Клопецот. Зошто да го умножуваме крајот кинејќи го. А зошто и почетокот? Од каде да знаеме дека ќе има пламен на врвот на конецот. Ниту еден конец да не врзам! Од скинатите конци да не врзам. Да не правам мртви јазли. Нови мртви јазли да не врзам. Како да минам, низ јазелот да поминам мртов јазел пат нема. А чекаат на другата страна од јазелот. Чекаат да ми ги видат широкиве стапала. Како да се протнам со прстиве расперени низ мртвине јазли. А чекаат со врвки, со панделки, со ширити да ми ги украсат глуждовите, Со свети знаменија! Веќе шират раце... По кој знак дека низ мртов јазел веќе излегов? ПРЕД ЗАКОНОТ СИТЕ СЕ ЕДНАКВИ И оние што имотот им е само една сламка што по светот одат со сламката викајќи: видете, сламка имам! (Види што имам, децата така се фалат). И оние што имаат солза. ист сјај и сонцето и солзата имаат! А росата? Чиј е сјајот? Смртта сјае низ солзите. Низ бројаници – солзи се лизга – ко дете на ледно лизгалиште... И сите еднакви пред законот на смртта! Имаме право да умреме. Имаме слобода да умреме: И царицата и момокот што & служи и острачот на ноже; и оној што квечерум излегува да ја мети месечината. Оној што остава под небото гајби и цел живот реди месечина – небаре жолти јаболка. И оној што ги полива ѕвездите со вода, да изгаснат, да не се дотроши маслото турено во големиот стаклен сад – небото. Сите сме исти. И онаа што цела ноќ ја вади водат од бунарот за да не се удави месечината. И оние сите што стојат на брегот простум и го гледаат штимерот – со часови што ги затегнува жиците – илјадниците жици на езерото. Ќе зататне ли дното, дали ќе се наткрене? Го чекам бранот со товар крлушки пред нозе да ги растовари. Чекам и го чистам небото. Јас со остро ноже. Гребам. А до мене острачот. Сите сме исти. Со сила и право. И со бессилност! МОИТЕ ЛИЧНИ ПОДАТОЦИ Можам ли да избирам: вода или луна. Ја избирам водата. Водата го открива таинството на броењето Ме брои како: еден, два, три, – осум меури. Не сум една: Јас. Јас сум Осум јас. Осум водни меури. Умножена, или разложена Јас? Со водата обединета, со капки и трски пишуваме броеви... Составена е Питагоровата теорема! Питагора ме свртува кон луната. Зошто: Јас луна, Питагора? Лицето луна ми го лула: сега е нараснато, сега ми стреперува како колиба со глас на врач. Се распаѓаат водните столбови преку лице со тресок удираат Секавици плискаат. Удираат во Јас Вода –или Луна. Не можам да избирам: Божество со облик и божество без облик. Што сум: Вода? Луна? Што сум? НЕ ЗНААТ... Сите води ги навраќаат кон мене. Сите. не знаат дека сум водена коприва Не знаат дека сега треба да се размножам. (Водената коприва во вода се размножува) Сите насипи ги уриваат. Сите. Време ми е да се размножам... Го пуштив палецов во вода силината да ја сопрам. Тие под вода ме потиснаа. Не знаат дека сум водена коприва. Не знаат дека се размножувам – Додека ме држат. Додека под вода ме држат. НЕСВИЕНА Само да не се свијам кога ме мачат! Кога свиваат железа за да ме свијат. Кога ме вијат како конец отпуштен. Кога ме вртат како јатка орев. Кога ме ронат како пченка. Кога телово од удари добива цртежи... О, од неорганска природа графити! Ако стеблинката на ’ржот има метро и пол височина, ако има само три милиметри широчина – и не се свива... Ако стеблинката ’рж плод крепи, ќе издржам – Несвиена. ’Ржена. МЕ ПРЕКОРИВТЕ ШТО ОДАМ РАСПЕТЛАНА. РАСПАШАНА. Не стасав да се соземам. Да се соберем и одземам. Не стасав да се пресоздавам. Како да не сум природа. Распетлана. Распашана. Корете го сонцето што конците, што златните зашиените сите ги отши. Испопаднаа сите копчиња. Распетлана. Распашана. Штом сонцето конци оддена настапи смена; Нова Обдена. Ени-мени... Ени-мени... Играат со копчињата. Тркалаат и тежок збор МЕНИ! Ени-мени, како со камчиња фрлаат. Јас стојам. Распетлана. Распашана. Се гледа сета моја природа. Така се гледа и природата на сонцето. МЕ СУДАТ ЗА СЛОБОДАТА. ЗА СТРАЧКАТА МЕ СУДАТ. И пресуда читаат: „Да ми се одземе страчката!" Не страчката, птица. Зборот страчка, да ми се одземе. Јас страчката – збор го материјализирав. И го пуштив слободно да лета. Ене ја над сјајот сега брои обетки златни, синџири, прстени, алки, белезии, се наполнила со златни грутки, грутчиња. Излетувам. Лупам лушпи, гребам земја, тријам дрво сјајот да го ослободам. Нека лета! Повисоко страчката да полета! Од највисоко, сосе сјајот во скутот да ми слета. Во скутот – гнездо широко сјај од златни крстиња, медалјони златни земја златена. Си ја галам страчката. Слободата си ја галам. Сега ќе ме осудат за нематеријализиран збор: слобода. Зборот страчка, ми го чкртнаа. Сјајот ми го чкртнаа. Како што страчката со брз летеж по сјајот се вдава, така јас по страчката – слобода! И за сјајот востануваш! „Одземете & ја страчката!" Со празни раце, оставете ја! Со врзани очи одведете ја! Со врзани очи сјајот да го гледа! ПОКАЈАНИЕ Отворете ми покајание! И оставете ме со покајанието. Оставете ме 299 години прегрната со покајанието како мајка со детето, најмилото. Која мајка од рака дете испушта! Отворете ми покајание дека & го усвитував оклопот на желката. Дека & го вжештував. Да се стопи. Желката ти беше била слободна во оклопот! ОД ПОЕТСКИОТ ТРУД НАПРАВИВ ЛАЖИЦА Дрвена лажица од шимшир дрво. Од зелена зеленика. Реков: непресечено стебло зеленика, донесете! Шимшир дрво од гром – на две расцепено. Отфрлена од ударот гранка кон небо кревам. Низ неа го гледам првиот вселенски цут. Пак се множи небото. Се плоди Зеленото. Сега можам да ја разголам оваа шимшир гранка. Проѕирноста да & ја зголемам. Ни кора, ни рапава коруба. А, зошто уште длабам во дрвото? Готова е лажицата. Сега сѐ можам да зацрпам. И вино. И букви. И шимшир дрво – ден по ден...Голтам. Голтам парчиња гром. Молњата на залаци во дрвената лажица од шимшир дрво: од зелена зеленика – од обден до необден! ВЕЧНА РОБИЈА Слушам јазик на студ и тежина. Под кое ропство сум, на македонски јазик го прашав каменот. Камено, ми одговори – каменот. Од денеска го бројам ропството... Зар вечноста се добројува? Слушам јазик на студ и тежина. Каменот ми приговара... Учена сум од ропствата да се ослободувам, камену, мојата бездивност со камени залаци што ќе ја храниш. Што ќе ја засилуваш. И со јазик на студ и тежина ќе кажуваш: Во мојата камена градина си спие рабина Светлана. СТЕБЛО. СТЕБЛЕНЦЕ. Кој ќе му даде помош на скршеното стебленце, тревното? Кој знае да зборува на тревен јазик? Како се зборува со тревата, Господе? Боже на тревите? Еве го исцелувам ова тревно стебленце (зошто деминутив?) Од мило ли реков: тревно стебленце? Од сомилост ли? Или дека мало, дребно, невидно, едно подведено, скршено тревно стебленце? Ни живо – ни мртво. Тревно стебленце. Зошто деминутив? Како се зборува со тревата Господе? Боже на тревите! Да чујам дали меѓу себе си објавуваат: Кој ќе му даде помош на скршеното стебло, тревнато, или: кој ќе му даде помош на скршеното стебленце, тревното? Кој? АНОВИ И КАРВАНСАРАИ На Владо Јоциќ Да заштитевме барем еден ан, барем еден карвансарај! Нека беше и оној сиот сенишен со лаци, со клапнати кровови, со отвори и сенки, со напукнати ѕидови, како модерни графити, и со големи порти! Да заштитевме барем еден ан, барем еден карвансарај! Таму се зачувани скаските за Големото невреме, за заморените коњи и коњот што паднал од големиот завев на ветрот и снегот... Падна и го затрупа. Како што врз умрените фрламе земја. До неговото коњско тело допрена до топлата кожа, се бранев од соспите снег. Колкав куп на рамен пат... кираџиите најдоа: мртов коњ и жена. А во анот, во карвансарајот ни напаѓачите, ни големиот снег ништо не ни можат. Ех, да наминам во село Стрезовце таму си бил анот на Дедо Стефан од Довезанце, Дедо Стефанов ан со кула над влезната врата, дворот заграден со високи ѕидови, а во него ѕвискаат 2.000 коњи... Велат, фурна во анот имало. Вратничето каква рачка има, а колку високо небото – кубето за огнот! Да заштитевме барем еден ан, барем еден карвансарај! Ќе влезев во ковачницата, ќе ги редев клинците по ред за потковите на копитата, ќе ги подавав... Острите. Кованите. Потоа ќе ги заменев преморените. Каде се сега коларите, амџиите, самарџиите, налбатите, јажарите...? Ги нема ни кираџиите. Остана приказната за големата настрешница отворена во сета должина. А задниот ѕид сакам да го видам! Таму висат железни алки, дрвени греди, таму го врзував коњот, заморениот, таму го одврзував коњот,одморениот. Таму беа јаслите... Во јаслите бело коњче. штом порасне на бел коњ ќе јавам. Врз него снег не паѓа, ридиште снег не се спушта... Да заштитевме барем еден ан, барем еден карвансарај! На патот коњот не ќе умреше... ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО ГО ИГРА ОРОТО: ТЕШКОТО Еден чекор: Оп. И уште еден: оп! Клекнува. Висок чекор: оп. Пак се исправа. Вода преку вода. Нога префрла. Колено свива. Свиено држи... О-оп! Во секоја капка избива воден век. Историја. Над која капка со читање застанав? О: оп се вејат бели чевриња! Нафатени рамо за рамо – Оп! Се снижува водната површина. Сега на прсти ќе застане, сега ќе се поткрене, сега ороводецот со шамичето ќе завее, сега ќе ја сведне главата надолу и остро ќе ја крене ставата. Тупот – дно се отвара. Тап-туп срцето. Уште еднаш, Тешкото, го молам езерото. Тамам го заучив чекорот... Оп! И: оп, уште еднаш! Клекнувам... Нога поткревам Шамичето ми го предава... Црно чевре веам. ТЕМЕЛ Жолчката на јајцето е центарот телесен и безтелесен. Жолчката е космичка јатка. Здив. Неусловен бог. Ра. Првична материја. Не – тлена. Има форма совршено чиста. Околу неа белката припоена. Белката е проѕирна вселена. Превез на невеста. Растопено стакло за соѕирање. Огрлие! Околу белката – ципата. Копно. Опната кожа на тапан. Набрекната дојка на коза. Лушпата, скаменет ангел, врв на светот, прва врата пред скалило. Тропни! КАМЕН ЗА ГРЛЕЊЕ Има еден камен. Има еден камен ограден. Има еден камен со бел ѕид затворен. Има еден камен со кренато кубе над камен. Има еден камен среде црква оставен. И – чуварка за каменот има. Има една жена. Има една жена наспроти каменот. Има една жена преку пат. Има една жена што клучот го чува. И – каменот го отвора. Влези, каменот да го прегрнеш. Раце шириш, а каменот голем! Уште еднаш раце рашири! На третиот пат јас го обгрнав. Сега раце ширам. Ми втрчува дете со клучеви. Кој клуч камен отвора? Низ клучеви пребирам зад мене ред се реди. Сите стојат камен да прегрнат. НИШАМ, ПЕЈАМ На раце нишам зборови... Колку време ги нишам буквите, гласовите, колку време ги обновувам знаците. Времето за толку време не знае! В раце ми се плодеа, растеа, од раце ми паѓаа. Секој можеше да го згази зборот како паднат лист! Да го потурне како деланка. Да го потфрли како камен. Да падне на глава можеше, зборот! Да онемее од ударот. Го поткревам од земја... И го држам цврсто, нежно на раце небаре пеленаче, го гледам, го дојам! На раце нишам зборови... Ем ги нишам, ем им пејам! СКРБ. СКРБИ Заминат збор СКРБ, врати се! Е... еј! За тебе имам топла постела и ткаен килим – покривка. Наутро во стара табака со слатко ќе те послужам: Од черешните, од велгошките! И чаша вода студена. Од изворите, Билјанините. Заминат збор СКРБ, дојди ми! Поблизу, уште поблизу – лицето да го доближиш – да ти го чујам здивот – издивот. Протеран збор СКРБ, врати се! Скрбите да ги протерам. Е... еј! Да не се вратат! ИСКУШЕНИЕ „Зошто никој и никогаш не ја намразил својата плот?" Вели, апостолот. Јас, му велам. Јас! Ниту го хранам. Ниту телото го топлам. Јас, му велам. Апостолу благи, го бранам од тревожни движења на плотта, кога со плотни искушенија ме напаѓа. Еве започна усните да ги калиграфира да ме наведе на љубомислие. Неволно ви велам, апостолу благи на љубомислие! (Во која градина змија не влегува?) ВО СРЦЕТО ТИ ВЛЕГУВАМ, МИ ВЕЛИ СВЕТИ ЃОРЃИЈА Влези! Сосе копјето и коњот В срце ми е аждајата! Ти ја гледам наметкакта. Крв – црвената наметка во крвта што отсјајува. Што убава наметка има Светиот! Што убава е крвта што толкулакомо се навалила да пие аждајата! Крени го копитото. Ѕвискај! И удирај! Убав коњу! Горе – долу. шетај! Еј, колку патја низ срцето има! И крепи го Светиот Ѓорѓија кога зема замав, со копјето кога удира. Среде срце војна води. В срце ми е аждајата. ЧЕСТИТАРИ Ме врзаа... За вртена жица за инструмент ме врзаа. Ни ситна нота не напишав А пред мене честитари. Една песна од два тона ме подгона: Е. А. Како ритам при саќе сечење! Кога сечам. Сечам, Ечам. Ечам А пред мене честитари! Ме кренаа... Гласно да пејам на кула качена. Да фрлам мали јаболка и на остри ножови да ги пречекам. А пред мене честитари – ме потсетуваат на репликата на смртта, на пофалбата на летот на душата – ме потсетуваат. СВЕТЕНА КОШУЛА Ме изведоа пред отворени врати. Со бела кошула со пуштена коса, ме изведоа. Два свештеника со свеќи в раце и јас пред отворени црковни врати застаната... Јас боса во бела кошула... Пред олтар, пред свет олтар со бела кошула со пуштена коса во вид на крст, лежев на земја. Пееја ангели. Пееја, ме посветуваа. Јас се втиснував – жив крст на земја. Среде црквата. Да не ја перете кошулава... Мојава бела кошула. Нека ја жолтее времето. Нека ја разболува белината. Нека ја топи како восок пламенот. Нека! Не перете ја мојата бела кошула! Ќе испадне посветувањето... Оф, веќе паѓа... Од кошулата паѓа посветеното. Симната е силината од мојата кошула. Од мојата бела кошула. Како ќе застанам пред Бога без сила? Како ќе застанам пред Бога со испрана кошула? ЗА ДУШАТА НА КРТОТ Прашајте кој може да му помогне на бесконечното. Прашајте: зошто мојот живот да е поважен од животот на врапчето? Ослободете ги сите енергии на материјата – Одеднаш! Како Питагорејците во бело облечени, восхитувајте се на гравот и зората! Посвета на грутка вар не пишувајте! Како славејот и вие од ниеден крал наредба не примајте! Пејте кога пее славејот: заедно песната да ја научите. Планини разменувајте! Зошто стол да не прегрнете? прашајте: Кој прв Вардар го отпечати? Бројте: колку бодежи има небото македонско. Научете што е таван вода. Научете со гласови да се спасувате. Прашајте кој е Акиндин? Гледајте како се чука сончоглед. Научете: Зрното не се врзува. Размислувајте колку отвори има еден бескраен ден... Ослободете ја водата од коцка мраз. И кренете чаша: „за кртова душа", да се напиете! Со чашите чукнете: „За кртова душа!"– речете! За кртова душа... ТРЕВА ОД СРЦЕ На доктор Владимир Василев Борозанов Нека ми простат тревите: ајдучка трева: столисник, равнец, месечник... Да ми простат и билките: росник, трендавиљ, дремниче. И пелините, еден по еден: бел пелин, див пелин, питом пелин, горски пелин – сите горки, ако бели, диви, горски! Пелин – пелин. Да ми прости и сончогледот, што го велат: огрејсонце, врти’ слнце, с’ лнцоглавец. А најмногу проштевка молам од тревата повивка. Од неа повои берев. Од машка папрат прошка барам и од македонскиот анасон. Сон немам... Дали ќе ми прости матерката, блоскумот, босилекот! и билката светивода? Клечам пред цветот: аргаван, оргоан... Не викајте го јоргован! Боз, бозел, невестинска солза со зближени раце стојам пред вас. Ене; зелениче, зрнек-зрнец, иглика, очинка и милодух... Простете ми сите! И вие билки: слатки дрвца што ве викаат, што името ви го знам, а не ве познавам, што миризбата ви ја сеќавам... Од која билка, прашувам? Треви, билки: речени и неречени речете ми: простено со очиве што не ве повадив. Пред билката со чудно име: ТРЕВА ОД СРЦЕ цел живот срцево го положував... билката низ срце ми растеше. Високо. А, вас ве надвишуваше. А, мене ме снижуваше. ЗЛОТО Што правиш, му велам в еден саботен, на мртовден на сред црква со свеќите? Седум свеќи наопаку држиш и седумте од опаку ги палиш. Враќам, вели. Злото, вели. Преку свеќа со превртен пламен – злото назад му го враќам. Назад, велам. Назад, вели. Преку фитил в земја спуштен – злото назад му го препратувам. Фитилот пламен не пушта. Свеќата пламен не прима. Кој си ти, му велам в ден саботен, на мртовден со згаснати свеќи во рацете? Злото, вели. Злото, велам. ЖРТВА ПАЛЕНИЦА Само што свеќа запалив: вивна – стивна. Пламна. Во затворен пламен остана. Ко јазиче на бебуле избрзано подизлезе уште побрзо се прибра. Во раката на мртвиот до крај догорува – до нокти, ми вели сестра Зиновија. Ни колку за глас најкусо изговорен врв подгорен не гореше. Вудвосана свеќата врз песокта се превива. Превиени, прекршени: Д в е т е ! Ете, жртви паленици. Сестро Зиновијо, дали небото пламенот го прима? Небото може пламенот да не го прими! Уште една свеќа запалив! Гледај, сестро Зиновијо: сиот пламен наизведнаш долу врвот го испушти. (Така капат лисја посланети!) Слиен. Доразлиен лежи. На земјата: С в е т и! Еве, жртви паленици! Сестро Зиновијо, дали небото пламенот го прима? Небото може пламенот да не го прими. А се запалила – се изгасила, а се истопила – изгорела – небото може ни еден пламен да не прими – дури свеќа палеше, ако лошо умеше... МОЛИТВА ЗА ЖРТВА ПАЛЕНИЦА Боже мој, голем Господе, усили ми ја мислата! Очисти ме од секаков накот и од злочестивост, кога палам свеќа, да не мислам: ќе гори ли – или ќе изгасне. Исправена или подведена – ќе достои! Боже мој, голем Господе, израсни ми ја мислата! Искрени ме, кога гори свеќа, да не мислам: ќе се свие – или ќе се слие? И која жртва паленица Боже мој, голем Господе, ќе ми примиш? ПЛАМЕН Со запалена свеќа од црква излегувам... Изгасни ја Боже! Кај може стапалкава да ми потоне освен во Темното В земја нека останам – свеќа запалена за живите. Нека не видам кај ќе згаснам. Еве ме свеќа Голем Боже, благослови... Благослови ја свеќата! И згасната, таму каде што е, местото нека свети! Со запалени прсти од црква излегувам... Не дај Боже да догорат! Од мене, како од свеќа голема пред олтар запалена редици со свеќи палат. Од запалените прсти восоци капат, Не дај Боже да догорат! Со прстите треба пламен да однесат. ЉУБОВ Не сум чиста! Ни приоѓам, ни го чистам кандилото, ни го палам. Не сум чиста! Сотоната ме силеше спроти празник да зачнувам. Са ноќ љубев! Са ноќ слатко од сто ружи ме честеше: Не сум чиста! Залепена ко восокот за конецот, ниту конецот го тријам ни воскот од конецот го одвивам. Са ноќ обвиена... Не сум чиста – кандилото да го чистам, на фитилот пламен да зачнувам. Не сум чиста! ЧОВЕЧКАТА ДУША Што гледаш, вели што гледаш на иконата? Човек со дете на раце, гледам. Душата, вели Душата ја гледаш, живоопишана. Душата, велам. Како изгледа човечката душа? Човекот не знае, вели. Уметникот знае, вели. Ене ја насликана: доенче на икона. Зар душа – доенче, сестро Зиновијо? Душата, велам. Душата, вели. Уметникот така знае, а човекот не знае. ПРОСКУРА Еве ја земјата, вели откако тестото на две го подели. Земјината топка на прсти раздвижена, докрепи ја, сестро Зиновијо! Со Земјата и јас се вртам... Кај заминав во проскура загледана? Никогаш спроти очиве не сум застанала! Долу се става Земјата, вели. Над Земјата печатот... Сета Земја в тепсија лежи. Придржи го небото во рацете, со печатот среде ѕвезди втиснат небеските списи да ги читам! Ми дотежна ноќта, безѕвездната, вели и над земјата, небото го нареди. Со трет печат озгора притиска... Сега ќе се допрат. Небо, земја – сега сластно ќе се спојат. Земјата, вели под небото лежи и се расплодува. Проскурата, вели. Долу земја, велам. Горе небо, велам. Проскура. ОБРЕД Повели ветру, седни на софра! На софрата леб изваден. На делови лебот кршен: ова за Бога, ова за ветрот, ова за мене... Повели ветру! На помош да не дојдеше уште ќе газев осилки, уште ќе ковав петици. Стапалава ќе ги одвевав, ќе си требев зрна, крвје... Под очиве сад длабок ќе држев и со зрна-солзи ќе го полнев. Поседи ветру! Да не беше твојот повеј на софрава грутка земја на залаци ќе ја делев: ова за Бога, ова за ветрот, ова за мене... СО ТРН ОГРАДЕНА Со трн. Трн до трн – ограда. Со трн оградена,. Со глоцун: ц у н. Трн ме бацува. Од устава не се истава. (Трнот да те бацува, рече.) Трн. Трн до трн исправен. Ни плот ни плотен. Трн пат препречен. Трн до трн. Сѐ бодежно, сѐ острено наострено – трн до трн сѐ с’скано нас’скано настрвено. Трње – копје во усниве забодено: Со глоцун – ц у н. Трн бакнувам. (Трнот да го бакнуваш, рече.) КОЈ СТОЛ ДА ГО ОДБЕРАМ Од надвор влегувам... За внатре сум на стол да седнам. Кој да одберам од 12-те стишно плетени, рогузинени? Саде ги грешам страните... Лево-десно, од каде се служи, не научив, сестро Зиновијо! Од десната страна. Седни. Првиот стол го оставам Кому, никогаш не разбрав. На последниот стол седнав. Оди погоре! – рекоа. Уште погоре! Во голема одаја, до најгоре на плетен стол седната, табаката повисоко крената, ме честат... Од мене почнаа! ОБЕСЧЕСТУВАЊЕ НА САБОТА Ека-штрека... Не кинете свила во собата! Мртвите раце подаваат: Ене ја и Ана, Јана, Јули-Јана... Мртвите се живи во сабота! Опа! Невестата од гробот си поскока со орото, невестинско. Невестата умрената – жива само во сабота. Пред ковчези старци искри бројат... Четересет искри – света бројаница. До три жени стомни полнат. Полнат-празнат. Жива вода – мртва вода. О прелепа мртовица со небесен триаголник а очите залепени... Погледни ме колку многу си личиме! Која да е што е жива, мртва јас ил’ таа жива? Сите мртви – во сабота живи. Ека – штрека... Пак сабота ја бесчестат. Искрикнати Мртвите повторно умираат. А ден, само ден саботен, Мртвите со нас живеат. Не кинете свила во сабота! ТРУПОТ И КЛУЧЕВИТЕ Само очиве се движат: Клучевите – Е! (Гласот в потон си го врзав неоджеден може да завие: Е, клучевите!) Вртени – свртени, вжежени, очиве вртимушки каде не завртеа! Еј! Еј, око мое, еј – остро среде леан сад што вртиш, среде калај – калај корнеш! На очиве им викам. (На очиве навикнати среде садот да ги видат трите клуча.) А усниве ги оставив тихум, тихум да се движат: Мила мајко, божја мајко научи ме: каде ми се клучевите? Зошто надвор ме поведе и пред трупот ме однесе, кога надвор не излегов ниту трупот го погледав? А на трупот клучевите ми ги кажа. Ги покажа. Трите клуча Меѓу глуждје меѓу јазли среде црна врвца полегнати. Сосе трупот си лежеа. Усвитени усниве се движат: кој труп лежи упокоен заедно со трите клуча? СОНОТ НА СЕСТРА ЗИНОВИЈА Од злато излиен кафез. Во златен кафез убава птица. Поубава, нигде! Поубаво, никој! Со златени зрна од рака си хранам – убава птица. Посилно, нигде! Лета, врти. Убавата. Подолго, никој! Да лета ја оставам. Птицата. Поправо, кој? О, право в очи! Врти, да одврти. Убавата. Да би крилја ти попаднат, да би рани те изедат, да би клун ти отпаднал. Птицо! Убава птицо. Од чемери што ја клетам, од јадови што се бранам – парче по парче од птицата паѓа. Се распаѓа... А јас стокмив нога... Да ја тапкам. Убавата. Поубаво, никој! Тапкам тапкам. Ја тапкам до толчење. Убавата. Поубава, нигде! МИЕЊЕ НА ТЕЛОТО СО СВЕТЕНА ВОДА Капни! Од едната, двете, трите капки – Капни, од светените, благословените. Капни, водо светена! Прекапана за капка капната... (Телово пупка потера!) Во внатрини капни! Оплакни ми дна и бездна. Светена, кубето во телово ми потемна... Слиена од бедрата, низ ’рт и срт капката стечена – в дол спуштена, собрана. Ја собирам, светената. (Телово пупка отвора!) Прекапана... во пупката се истурам: една, две, три од капките, светените, благословените! Капам... (Телово пупка развива!) КАНДИЛКА. КАНДИЛО До оградата посадена светеше. Кандилка. Кандило. Старо цвеќе, мајка велеше. Мајка, родена во 1881-та. Во дворот на баба пламтеше. Кандило, Кандилка. Старо цвеќе, баба велеше. Баба, родена во 1771-та. Несвенета од годината: Пред едната: Кандилката. Застаната до корен првороден, Кандилке, кандило ти палам! Старо цвеќе галам... Што има во цветот што не угинува? Кандило, вели. До оградата посадена светам: Кандилка остарена. Старо цвеќе, велат. Што има во кандилото што не згаснува? Кандилка, вели. КАМЕНОТ НЕ МЕЛИ СПРОТИ СВЕТИ НИКОЛА 1. Застана водата. Застана каменот. Застана тркалото. Воденичкото. (Со очиве го вртам. Сѐ посилно вртам!) Недвижно е колцето студено. Воденичкото. Разделено, на две остана зрното: на Јас – на Ти! (Со очиве го мелам. Сѐ поситно го мелам!) Во воденицата вода не влегува. Не мели, велам. Каменот не мели, вели. На денешен ден во вода е закопан Свети Никола. 2. Во секоја капка – црква крената. Во секоја капка – бие камбана. И бурите простум стојат. Брановите, свети стада полегнати. Бродовите сите застанати. Низ гробот да не му поминат. Во водите венци фрлаат. На овој ден во вода Свети Никола е закопан. Уште подолу во вода слегувам. На која длабочина свеќа палам? 3. О, мил Свети Никола. Раздвижи ја водата недвижна. Лицево да ми се издвижи. Лице е е е е, подвижи се! (Смртта. Та. Сопри ја!) Раздвижена движното го подзема... Водата разцвижи ја! Лицето да ми се извие, бранот да го покрие. (Бранот – лицето: Ил’лицето – бранот?) Брод низ лицево да помине, да ми го расече: на две останато зрно несомлено! Морско-езерско: водно колце да го сомеле! Раздвижи ја водата, очите да ми отскокнат! Здроби ме на просо, на брашно... Зашто еве: и т а. Смртта. Та. Та здивот на смртта & го слушам над вода сведната лицево со смрт си го замива. А, црпи... Смртта црпи, од ликата ми зацрпува. Од ликата во водата оставена... Раздвижи ја водата. Ликата моја искриви ја... Огрди ми ја ликата. Смртта. Та. Не одбира, вели. Мели, вели. Смртта, велам. Каменот, велам. Каде е зрното несомлено? Поврати го брашното во зрно, велам. Брашно, велам. Пафната, просипана... Незакопана. Понекогаш ’ртам на колцето свиена линија. Кружна. Созреана. Зрно... А водата стои. А каменот стои. Не мели, вели. На полноќи. Наспроти Свети Никола. ЧИТАНА ВОДА Над вода читам 12 евангелија. Страданијата си ги читам... Ни буква да не испуштиш! Ни слог од словото да не скратиш! (Водата да ги исчита...) Читаната вода има сила, вели. На сите: ни живи – ни мртви три голтки им делам. штом отпијат: ќе оживеат, ил’ ќе умрат. На полноќ: една, две, три капки пијам. Читана вода отпивам. Исцелителна, вели. Са ноќи се претурам три капки разместувам. Исцелена: жива сум ил’ мртва? (Водата да ме исчита...) Водата не се расипува, вели. Ако не се скрати читањето! Ако слог, реченица не прескокнеш! Никогаш не се расипува, вели. Над вода читам 12 евангелија. Страданијата си ги читам... О, мој Боже, не дај да ми се залепат страниците како споени љубовници и да вртам како еден лист да не ги свртам. Еве, прстов си го лижам... Не дај двата (листа) Боже, наеднаш да ги превртам. Водата непрочитана ќе остане. Водата расипана. Читајќи потона, вели. ПРОСТИ Секоја вечер: п р о с т и! Пред постела: п р о с т и! Од мене се проштеваш? „Мил Господ ако ме повика, вечерва на небо да одам, зарем да застанам на вечно судиште јас грешна, непокаена?" Што можеше да ми згрешиш, само што на трпеза седнавме и Бога го пофаливме дека не нахрани, не напои? Можев сѐ да згрешам! Ако празна чаша пред тебе изнесам. Ако празна ја гледам и пак празна ја оставам – можам казна на небо да чујам: Полни чаша што не се наполнува! КАКО Како ќе ме најде ангелот штом дојде? Ако седам – не ќе станам! Како ќе ме најде? Исколвана! Јали кајшто мотам змиски ребра! Зошто да е важно како се умира? Што ако го играм орото, Велгошкото – нека гледа смртта како рака вејам! Како глава в небо зафрлувам. Кај видела оро поубаво – поубаво никој и не умрел! Ако си ставам белило-црвило, ангелот нека почека! Зошто во стотата да не ме личи набелена ем нацрвена? Како? Како ќе ме најде ангелот штом дојде? Одејќи зад невестулка, ил’ лежејќи до стомне ресенско. Зошто да е важно како се умира! Можеби љуљка ќе врзувам. Можеби јајце ќе запатувам. Може ќе ме види во мојот заслон: полегната под сенката на класот, или казна кајшто издржувам: за светлина гламја кајшто толчам. Ќе ме одврати ли мојот ангел ако бранот угич во водниот обор го препраќам? И од бакнеж може ангелот да ме одвои. Зошто да е важно како се умира? Само да не умрам в бедра, в папок, во пупкиве– од Сотона исколвана! НИШТО НА ПРОКЛЕТИТЕ Копајќи ќе се исцедам. Ко алиште од два краја вртено – стегано. исцедок! Копајќи ќе се истрошам. Како грутка со тупале кршена – сронена. Да се одраби и кожава, сува кора испукана – Исушок! Да немаат клетите, проклетите што да јадат. Да ме не јадат: црвите. Ништо за проклетите! СВЕТЕНА КОШУЛА Ме изведоа пред отворени врати. Со бела кошула со пуштена коса, ме изведоа. Два свештеника со свеќи в раце и јас пред отворени црковни врати застаната... Јас боса во бела кошула... Пред олтар, пред свет олтар со бела кошула со пуштена коса во вид на крст, лежев на земја. Пееја ангели. Пееја, ме посветуваа. Јас се втиснував – жив крст на земја. Среде црквата. Да не ја перете кошулава... Мојава бела кошула. Нека ја жолтее времето. Нека ја разболува белината. Нека ја топи како восок пламенот. Нека! Не перете ја мојата бела кошула! Ќе испадне посветувањето... Ќе се симне силината од мојата кошула. Од мојата бела кошула. Како ќе застанам пред Бога без сила? Како ќе застанам пред Бога со испрана кошула? ЗИНОВИЈО, МАЈКО Слушајќи те се искачувам на највисоката точка. А кој е оној врв пред мене? Со очи ми кажуваш – да чујам не можам. И ме учиш: Со очи кради ми велиш. Очи подавам. Очи стојат спроти врвот. 303 коњи на Кораб Планина на висок врв скокаат. Со очи учи, велиш. Очи стојат пред високи, пред длабоки врати. (Отвори – затвори: врати високи, длабоки) отвори – затвори: бескрај! Б е с – к р а ј а на крај: самечка ќелија. Длабоко зад залостена врата очиве ги растоварам: Ти. Јас. Ти, пред иконата Умиление клекната и за мене молитвиш. Јас, првозборен збор недрам. Длабоко во тебе засолнета твојата Светлана. Ми се свиде со С. да се сладам! Светлив патот сатен, стрепетува. Над секал ми стапалка светнала, здлабен патот среде свилен набор – среди сатен изресени бразди и завири. Со сатенска реса искри преполнети! О, ставава сито лито, горе долу просипано! Среде патот, среде сатенот иссеана. Сатаната по сластното! Сатен кинам & потфрлам, да се слади ја оставам. Ми се свиде со С. да се сладам! С. свиснала! Се слелеа слемето – големата греда, небеската. С. слелека! Над сламка, сламка наддавам... Сламка: столб, столба, столбец, столбица, столп, столија, Столбиште сламка – наддадена, слепена: С. и С. С. со С. С. во С. С. над С. Свишена, слетана сламка скраја скрај небеса, за небески дамар потпора – Небото да не пречука! С. над С. Со С. самонаддадена – Сламка. Се кренала! С. син самораст. Сињо небо, синоцут. С. – сцути. С. – свени. С. над мене самонаднесено сино – саѓено. Самни – стемни сиња – саѓена. Свечерум: свирки, свиркари. Свир-свиралки, силни свирби. Силна свита. Свирачите сила силат. Свечерум: свиралиште. Свир-свироли, свират, свистат. Свирџиите – С. слово слободат! Страк сарак по сапиве реже! Во сапраг спрегната ни сантим ни сантимка од С. неодместена. Сотоната, на свенат стап вода истура. С. сурива. Со стапјето ми става сурмоса. Што сумува? С. стурена. Солупени прачки, ремени седла, узди и амови. С м и л и ц е! Сотоната ни сантим ни сантимка од срцево непоместена. С. да сурне. Да сотурне. Счука, чука на срцево. На сведен ден не отворам. Ќе сведнувам. Свештен маж ми среде светлост свивок свива, свиој вие. Ми се свиде зад свијокот со мажот ми да се свијам. Свидлив свивок. Свештен маж ми зад свивокот срце ми сокрива. Суздаде се сур ден. Судириште. Се сусретов со сушт ден. Судилиште. На Страшниот суд сходен: – На сура земја да се веднеш, да збереш скреж, суградица. Ред скреж, ред суградица да суградиш сарај! Свишен. Ситно стракче ќе свишам! Реков. Со Се свето стојам, со Сѐ светот. Светен седлар ми го седли седелото со срцето. Сегнам столче самоделско, седефено – да поседам. Свреска страчка уште сврачи... Сколеници пред страчката да не страчи. Да не ми срце сограби. Сѐљубна, нескончана сенка си се свеа. Не скончаа лозницине сенливине – смоцине свиснатине в зеницине. С. сврска сѐмилостна – сневиди ги! Свиј! Сѐнељубна, нескончана Светлана, С. сврзлива со ластари, со ластунки – сневиди ја! Свиј! Да не сени, да не свети. Сторение ме страеше: самовилско. Престрашена од сјајот, од олскотот што течеше, што светеше сковав преку олскот. Вода да ве однесе самодиви! Светлината ме страеше самодива соблечна кошула самовилска, сотрупена. Сторение ми стапалка силеше. Да стапнам на свршок. На свршек. Да загазам на завршок. Да стапотам, над стапалка самодивска. На свршено оро, самодиво да заиграм. Си ступкаа стапалата. Во самовилска кошула, сотрешена со сјајот, со олскотот соиграна свивам оро самовилско. Уште едно оро самодиви! Сторение ме снајде: самодивско. Што ми стече судна Студеница. Што ми стече среде срце студ, студило. Во срцево сдлабен камен. Скорчав камен. Што ми стече студна Студеница. Скорна камен, го собуди. Сред утроба скрепен камен. Свртен. Свратен. Што ми стече силна Студеница. Стури камен, го сподвижи. Шо ми стече судна Студеница. С. Сѐблага сказна скажува: Си бил... И, над С. заснежи. Сее суснежица, Сѐ соснежи. Над С. стежна грутка снежна. Над сказна се струполи снеговица. Сѐ затрупа: и ангел и диавол. Снег, снежинки топам грутка снегова да ја стоплам С. сказната, собудена да започне: Си бил еден ангел, серафим... С с с! Со С. согласката се скажува скаската. Сопрво со С. започнува сказната: Си бил... С с с! Пил, пиле слетало во скаската колва, клука снегулки. С с с! С. себлага. С. сноќена. В сон смолчена. Сновидена. В сон се смее. Од сон смола прокапала да ја смоли. Засмолена соблазена бедра, папок соголила. Скркотена. Со раката преку сонот префрлена. Сокротена. На скршен стапец свисната ни стожер, ниту садница – сред Смолница. Сотоната ми ги страни патиштата! За ноѕеве, вити витви – ни сожалба! Смили ми се смерт сѐсрдна, совиди ме: Веди скрсти. Прсти белутраци. Види смрти: со секала кај си секам еее! – кај си екам. Сотоната да го странам! Сомили ме, од Смолница изнеси ме – да доодам. Среде сводје да сустапнам, сино сводје. Лична смерти да те свидам! Ступка срце! Сурнат светот – сиот строеж што го строев. Смирен страсник, труп суложен во сандакот. О списнаа солѕи. И ѕвездите сосе венци соѕвездија – солѕат. Сега смерам да заредам! С! Сѐмое. Сѐмое. С. Сѐсоздание. Не се соса С. С. – Созивание. С. – Соридание. Во скровиште ќе си солѕам. Солѕа солтна. О! Солѕата се сроси над строежот во сандакот до сам-светот се положи – солѕа. Солѕа стројам. С. со С. се скрви. Стапалото со стременот. Кој согреши? Солба босилек си скршив, сеа страк ме стопли. С м и л и ц е, Создробена на сокол се склопив сосе скрб, скорби. Сразена зобам скрб, скрби зрна. Ај соколе кај ме спушти? Смаена соспа, смесник, смес. С. се спласти. С. ме пласти. С. ме смами пак. Сажен време до Смилица. До Смолница. Ај, С м и л и ц е не заождај! Нека грејат смил китките, нека кренат секадешно востание, нека сека! Смилосана ќе се спуштам на смил земја на смол земја. С м и л и ц е, од смил земја, од смол земја скончилото ќе го сцрпам. О, Смерт! Сот-саќето се отстрои. Не снеможев силум по сабар да сегнам да сотворам сот. О, Смерт! Не сопирам прсти низ самарна игла середум да спровнам: ситнак, ситноклас, сказ. Да склопам склоп. Сот. О, Смерт! На сот ми склука Сетен Ден. Не сустанав усни да стокмам за сабацка смерна со Сетен Ден. О, Смерт Смерти С. Бесмертна КАКО ДА ГО ОТПЕАМ МОЈОТ КРАЈ Благодетеле мој, Не срди се што од Тебе умоление иштам, што одново повтам да кренам глас – Јас Старинска песна да заучам. Зошто ми се срдиш Либе. Гласот ми е свиен клас. Исправи го Боже! Неоджеднав Грло, жици да затегам – Да завивам Благослови! Што не сторив Крај да успорам Од високо гласот да го спуштам. Уште стојам во прзгали зариена Петициве испотпрени со шкрилци и песочишта. Уште пеам! Што не сторив Л и б е Што полекум К р а ј о т да го пеам Благослови! Сила дај ми, спуштајќи се да се кренам старинска песна да допеам. Зошто ми се срдиш Либе. К р а ј о т пак тешко го отпевам А Крајот ме плаши, Благодетеле мој. Како да го отпеам мојот К р а ј, Л и б е НА МЕСТОТО ОД ПРВИОТ КАМЕН Ме учеше мајка, Боже. Леб кога си месиш, водата од рацете од тестото што ги миеш, в темел јали в цвеќе– на местото од Првиот Камен да ја блиснеш. Ја излагав мајка, Боже. Ни в темел, ни в цвеќе водата кајгодер ја плиснав. Беспочетен, отплисни ме. В темел, в цвеќе– на местото од Првиот Камен. Не кајгодер, мили Боже! ПИСНА ПИСАНОТО Писна бело писна црно – Писаното. Вишни Боже од вишини, писна штркле – исфрлено од висини. Кога даде – кога зеде? Уште едно штрклицата, уште едно и штркелот. По едното уште едно – од гнездото прекреваат: штрклињата што не светат и што гласот го тивнеат. Што не знаат црно – бело. Вишни Боже од вишини сите твои творенија. Умири ме. И јас имам кревко перје. И јас крилја не поткревам. И јас тевно темно џивкам. И јас како штркле малендаво Со сјај од небоно се мамам. Окрепи ме. Од вишини поткрени ме, Вишни Боже Од Силјана штркот родот во висини. ВОДЕН КОНЕЦ На мразна кора ќе лежам. Со мразна кора ќе се топам сто и една. Јас Исцедок. Јас воден конец. Конец в земја вденувам Одденувам. Јас сум оној воден конец Јас сум оној здвижен Силен Јас сум оној воден конец Јас сум оној свилен Свиен Јас сум оној воден конец Јас сум оној срмен Слитен Над стрм капка – Цед Јас О Господи, од земјата колку пати го истргав Јас конецот. Јас на мразна кора што лежам. Јас капка по капка што линеам, Јас Водна линија на земја положена – Светла. НЕ СУДИ МИ На врата не потропа. Кој влегува Кој е? Јаже јали Конец вденат недовденат Конец воврен неодвоврен Од кој клопец конец Кој? Предено од вретено премотано одмотано Кончишта конопишта вудве вутри засукани отсукани Кој влегува? Од совалка слазан конец јали сламка Од плод дршка ил осилка Зар дотекла вода од чепурка На врата непотропа Кој влегува Кој е? И, и! Ми влегоа зрак и змија. И, и! Не суди ми Господе Не суди ми. Што змија ме срадува. БИЛО, НЕ БИЛО Да беше се рекло: Во секој даб по еден царски престол, Колку дабје, толку царски престоли – Ќе беше било. А беше се рекло: Под секој престол по еден царски нож – И беше било. Господе што не било, што не ќе биде? НА СОЗДАВАЊЕ СТАПЧЕ ПРИСУСТВУВАВ На дрво еднодобно гранка нишам... Секој замав на раката го проширува времето Гранката се наддава... Никошпат природата Изведнаш Не ги завршува сите форми Никошпат. (Не скончана е формата на гранката...) Спроти дрво еднодобно Тој застоен Тој со чатал од суводиво откршен Тој свишен Спроти дрво еднодобно. Духом ли телом – допојдов. Сите форми Тој изведнаш ги заврши Тој Стапче сотвори. (На создавање стапче присуствував) Дај ми Боже сите останати дни да соѕирам во стапчето и да шестам – За завршено, за незавршено. ЖЕНИТЕ ТРЕБА ДРВОТО ДА ГО ИЗРАСТАТ Во ракава Корен. За коренот земја Земја во која птиците никошпат не се заплашени. Во земјата Дрво Сви коруба, свиток До дрвото земјен сад со вода За свитокот. Жените треба дрвото да го израстат. Лист, олисна Дрво На дрвото крошна крошна од која птиците никошпат не се избркани. Жените треба дрвото да го израстат. И израсна Дрво И коруба срона Среде свиток великодостојно сонце се одвива. Во ракава Корен Сосе корен до земја се совивам. Жените треба дрвото да го израстат. МОЛИТВА ЗА РОБИТНИТЕ Црни огништа на земја. Црни. Жени робитни над земја. Црни. А ѕвезден посев над земја. Ѕвезден. Ни една бразда до крај не истерана. Ни една. Робитните над црните огништа роптале, требеле, гребеле со прсти сновале прсти кршеле прсти земја ронеле жените робитните. Над бразди за убави деца ределе. Ридале. Робитните копале не докопале, в бразда, на грутка заспале. Над грутка сонот им прикажува деца убави на раце. Жените робитните љељаа – дољељаа. Робитните среде сон поскокаа соронаа сон афион – малендаво зрно со плунка в непце жените робитните, на убаво дете што плаче му топат. За убави деца липотат Жените робитните. Црни огништа на земја. Црни. Орадости ги, Господи со убави деца Жените робитните– Орадости ги. ПРОСТОРОТ: ОВЕН СО ВИТИ РОГОВИ Не дишам. Дишат љубовници. Не дишам да им вчујам вдиш. Дишат љубовници. Просторот: овен со вити рогови Нова слика на Семирот ми покажува. Не дишам. Дишат љубовници. Не дишам да им вдишам вдиш. Дишат љубовници. Не дишам. ИСКРА Се зададе силен оган и надојде оган, стече, дур’ пред палец не дотече И пред палец ми застана Не постоа силен оган почна палец да ми гали Лизни мазни по ноѕеве оган ноѕе ми бацува. Мавтам, павтам со стапала Ај оттука силен оган Ај оттука на искрата. Се прекрена силен оган Кресна искра се искрена Ај над мене на високо – Како круна ми застана. Јас со искра потамина в седелото, в искрилото. Дур’ не згасне, дур’ не капне. МОЛИТВА ЗА МАЈСТОРИТЕ НА НЕВЕСТИНСКИТЕ КОВЧЕЗИ О, Господи мој, пријди. Пријди поблиску од воздухот поблиску и од светлината. Со семе пријди. Со семе украси. Украси ги рацете на мајсторите на ковчезите, невестините. Пријди поблиску и поблиску и од здивот поблиску. Со посев пријди. Со посев наполни. Наполни ги ковчезите на невестите скришните, свадбените. Испразни го, Господе мој треперењето на прстите В раце држат Невен цвеќе. Води им ги рацете Невен цвеќе да засадат спреди ковчег невестински. Насобери стракој, лисје пресвиено. Отреби ги латиците свенатите. Отклопи ги мој Господе капаците, ковчезите прекрени ги темниците. О, Господи мој, пријди. На ковчегот Невен зацутува. НЕДВИЖНА Недвижна 47 денови* на дрво живеам Во пупка вгледана. Како да не заврзала пупкана род... Денизноќ над пупка неродна Оскрбена над пупка сведната Денизноќ. Дењем сонцето сенката ми ја спушта по дрвото, како црна шамија што се слизнува од глава и паѓа а а а Ожалена над пупка со црна шамија... Таму орли птици во буежов коса во темево гнездо ми длабат. Таму тешка птица во око ми застанува недвижна Го молам Бога птицата да не прета, Окото да не ми го обесчестува во окото е сликата на пупката неразвиена, Недвижна. ОДМАЗДАТА Е МОЈА О, Господи на Се, што не даруваш со слова и зборови, Остави ми ги буквите мои дури трае камен на камен буква на буква! Утаена твар видлива и невидлива среде слова и зборови, Рие, корне тркалаат буква, камен скапоцен. Над слова и зборој, огној горат. И ќе тријам камен скапоцен Не ќе спијам. И оган со оган ќе гаснам! О. Господи на Се, што не даруваш со слова и зборови, Утаена твар видлива и невидлива на распетие букви ни води. На крст–слова и зборови! Одмаздата е моја, рече Господ. ЗАД МЕНЕ, ПО МЕНЕ И зедов што зедов... И накршив гранки голем товар И заплетов јаже од гранките. Плети расплети, одново плети уште подолго од псалмот што го појам. Колку што седам со трошка од лебот соронета до лебот ја прибирам, и во лебот гледам А тие доаѓаа и доаѓаа небаре од корица на книга извлекувајќи се зад мене, по мене Доаѓаа, доаѓаа. Леб не зедов вода не допрев. Бесловесна храна да не јадам само три лисја сура зелка за да видат дека јадам, да не паднам во самопреценетост. И видов што видов... А тие идеа и идеа небаре од корица на книга извлекувајќи се зад мене, по мене – Идеа, идеа. По слободата идеа, По слободата ми идеа Идеа, идеа. ТАЕН ШЕПОТ Не се доодува патот Без таен шепот не се изодува Висок пат. На патот за што да се фатам за цвеќено секаквоно, венливоно Сон да не ме завене. Ако ти Господе, ангели собуди никогаш да не спијат и мене собудена пушти ме на Висок пат. Сподвижена задоцнети мравки со семенки да не згазам. На пат – под пат. Не се доодува патот Без таен шепот не се искачува Висок пат. Боса во вирови на дождалци им се откривам да ме намовнат А водата ме оттурнува на пат – под пат. Не се доодува патот Без таен шепот, не се доодува Висок пат. Кој да ме викне ќе се одѕвам И ќе почнам за гревот да шепотам. Мојот грев. НЕЧИСТИОТ Немој да го пречуеш твоето творение Господе. Да ви возвестам: Се разурна моето писание ми испадна исписот од кожава Над мене Нечистиот во срцето ми читаше со ситни букви спис И разруши писание. И нечиста буква ми положи. Телото мое го поведе Господе окото мое го повела да го гледам Нечистиот. И ме обрече мил Господе На нечистиот обреченица! И сите скотови и сите лишки во градиве ми ги положи. И нечиста буква ми положи. (Тогаш го закопуваа Првиот Мртовец на земјата) Немој да го пречуеш твоето творение Господе, Поврати ми писание. И да ви возвестам: Зар во драгост да ме пренесе со Нечистиот видување Зар во драгост... ПОЕТСКИ ОБИЧАЈ Среде бел лист оган палам Сабор големи гатали околу – наоколу На леса Сонцето Под лесата невеста нагоре – надолу. На секој пламен некој тропа на врата. Излегувам. Збор тропа. На збор врата му отворам. Машки појас и жито преку збор! Јас со сито во рацете Сеам пламен. Пламен пред праг оставам. На лист леб месам. Колач за здравје на јарето месам. На лист колач месам. Од си’ страни лист си ширам И на листот соколот го испишувам. И го молам да се качи на кров црква, да ми каже дан’ олтарот до под глезни не пропаѓа дан’ избива извор од под глезни Длабокото дан’ вирее – Таму се замиваат. За убозборност, Таму се замиваат. За убав збор се замивам. СРЦЕ На прачка ми змија полегна... Срце, Да беше змија кошула ката година ќе преслекуваше. Да беше змија кошула излитена каде годе ќе спушташе кошула свиена на земја ќе оставеше Срце, Да беше змија. Срце, Да беше змија кошула ката година ќе облекуваше Преслечена во змијска кошула оддиплена со змијски редеж китена Облечена во нова кошула сомладена ќе се свиваше совиваше Срце, да беше змија. На прачка ми срце полегна... ТАТКО* Т. Татко, татне. Татне татнеж Татне татнеж татони Татко татон. Т. Топ Топ топџија Топ топџија топот Топ топџија топот топотен Топ топџија топот топотен топотница Топ топџија топот топотен топотница топотници Топ топџија топот топотен топотница топотници топеж Топ топџија топот топотен топотница топотници топеж тонеж Топ Т. Топуз Топуз тупоти Топуз тупоти тупти Топуз тупоти тупти тупотница Топуз тупоти тупти тупотница тупотници Топуз тупоти Топуз. Т. Татко, татне. Татне татнеж Татне татнеж татони Татко татон. НА СТРАНИЦА 303 Заборавена во плач на страница 303 Телото мое да го чувствувам за не мое Како телото на ежот Како телото на ожонката Како телото на осата Како телото на остката Како телото на ќерамитката Како телото на шипот Како телото на шушлепот Како телото на коњоштипот Заборавена во плач на страница 303 Телото мое да го чувствувам за не мое Како телото на Шкам Крастата од локвата издвоено Како телото на Дрвото двеилјадитно од Шкам Крастата отпотпрено. Заборавена во плач на страница 303 Плачам на македонски...